Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“.
Со обвинителниот акт обвинителството му предложи на судот одземање на движни предмети (телефони, електронски и мемориски уреди) што биле употребени при извршување на кривичните дела, додека со посебен предлог се бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица. Воедно, доставен е и предлог за продолжување на мерка притвор спрема деветмината обвинети и мерка куќен притвор спрема еден обвинет.
Првообвинетиот се товари за кривично дело Несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за Злосторничко здружување и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив им се припишува и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Дванаесет лица се обвинети за Злосторничко здружување и Злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив и за Перење пари. Четворица се товарат за Злосторничко здружување и Перење пари, додека останатите четворица за Злоупотреба на службена положба.
Обвинетите управители и сопственици на компании, преку договарање, овозможиле фаворизирање на одредени економски оператори во тендерската постапка за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, стекнувајќи нелегална имотна корист од 397.636.400 денари.
Понатаму, обвинетите извршиле трансакции за перење пари во износ од 414.776.400 денари, со цел да го прикријат потеклото на финансиските средства.