ОЈО Кочани одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа за Бектеши, Трајковски и уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката во Кочани

119

Судија на претходна постапка им одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Основниот суд во Кочани одреди краткотраен 48-часовен притвор за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, за поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски и екс директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути. Сите тројца синоќа беа спроведени од Полициските станици од Тетово и Скопје во Основниот суд – Кочани.

Градоналникот во оставка, Љупчо Папазов вчера по распитот, беше пуштен дома, соопшти Обвинителството. За Папазов дополнително ќе се одлучува каков статус ќе има во постапката.

– Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката, информираа од Обвинителството.

Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој починаа 59 лица, а над 155 се повредени.

Во краткотраен притвор моментално се наоѓаат 14 лица.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се работи на итно процесуирање на 14 осомничени.  Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.

ИЗДВОЕНИ