ОЈО ја обжали пресудата за Теодора

Бара интервенција во премалата затворска казна

322
Screenshot

Тетовското обвинителство поднесе жалба на пресудата за сообраќајката во која загина младата Теодора Ристовска. Обвинителот се жали на малата казна затвор во траење од две години за обвинетиот возач Менсур Пајазити. Ова е втора пресуда за случајот со сообраќајката, ја изрече судијата Елведин Ферати, а според напаствијата добиени од Врховниот суд, тој и да сакал не можел да пресуди повисока казна, го објаснија неговото постапување колегите од тетовскиот суд и Судскиот Совет. Пресудата по втор пат ќе оди на „поправен“ пред Кривичниот совет во апелацискиот суд во Гостивар. Првиот пат од три ипол му ја преполовија на две години затвор. До тоа дојде откако  Вишиот јавен обвинител Вјолца Елмази им предложила на судиите, Шефајет Хајдари, Даут Рустеми и Емине Мурати, делумно да му ја уважат жалбата на Пајазити, иако првично барала да му се одбие како неоснована. Од ОЈО објаснија дека никогаш не се сложиле со двегодишната затворска казна.

„Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот. ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен.Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата“, објаснуваат од ОЈО

Семејството на Теодора кое бурно реагираше по пресудата од минатата недела искажувајќи незадоволство од делителот на правдата, писмено побарало од ОЈО да ја обжалат пресудата.

„Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока, објаснуваат од ОЈО

Во меѓувреме во Основниот кривичен суд во Скопје по велигденските празници треба да почне судењето против возачот Васил Јованов кој на Партизанска ја прегази Фросина Кулакова. За него ОЈО поднесе обвинение за сторено Кривично дело со умисла Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за кое му се заканува максимална затворска казна од 20 години. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ