Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, додека бил во Турција планирал да замине за Минск, Белорусија па за Москва,Русија, откриваат обвинителите на денешното рочиште повикувајќи се на докази од неговата комуникација. Обвинителката ја наведе целата комуникација на Палевски во критичните денови, Палевски додека бил во Турција добил порака од извесен Хусеин дека му резервирал лет за Минск, а самиот му напишал на извесен Драган дека доаѓа во Москва на 5 декември 2023 година.
Судењето за грозоморното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски продолжи со презентирање на доказите, односно кои предмети биле пронајдени и дадени на вештачење од местата на убиствата.
Пред да почне обвинителката со изведување на материјалните докази, обвинетиот Љупчо Палевски повторно побара изземање на обвинителките кои ги докажуваат свирепите убиства, Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ, како и на шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски, поради како што кажа пристрасност во истрагата. Според Палевски обвинителската тројка во истрагата дозволила да се избришат податоците од базните станици на Телеком се со цел да се фалсификува телефонската анализа и сведокот Ерол Османи да даде лажен исказ. Имено, сведокот тврдеше дека Палевски требало да дојде на 27 ноевмри, на денот на убиството на девојчето кај него дома, да му го поправи парното, но дошол следниот ден и се задржал до пладне. Палевски пак го оспорува исказот објаснувајќи му на Судот дека во тој период не бил кај сведокот туку водел поткаст, за што читаше пораки и слики.
-Јас сум видлив на камерите од поткастот, а не поправам котел во Бутел, тврдеше Палевски кој за време на целото судење креваше раце и бараше збор. –Вие сакате се тука да кажувате, судијата Ивица Стефановски не му даде на Палевски понатаму да зборува
Долга беше листата на докази кои ги собрале истражителите, а вчера ги читаше обвинителката Јосифовска. Пикавци од испушени цигари со ДНК и пластични шишиња, церадата во која бил завиткан мртов Панче Жежовски и фрлен во дупка, вреќата во која било ставено убиеното девојче, лопатата со која била копана нејзината дупка каде биле пронајдени и перничиња и теписони. Се вештачеле и мобилните телефони на обвинетите, така во ранецот на Палевски, уапсен во Турција, имало повеќе сим-картички. По отклучувањето на „ајфонот 13“ на Палевски, истражителите прочитале повеќе пораки, а едната била од лицето Хусеин, неговиот домаќин во Турција -„Букирав авионска карта за Минск“, му напишал на Палевски. На први декември 2023, на вибер му пишал на лице со име Драган дека по 4 дена, на 5 декември, планира да стигне во Москва, па побарал од него да го земе од аеродром. На 27 ноември 2023, пак, дента кога е убиена Вања, лице именувано како „Геге шампион 2“, според содржината на пораката, го прашува Палевски дали да поминат со извесен Ферат на кафе, на што овој му одговара дека е уморен, цел ноќ не спиел.
Според обвинението Палевски ги испукал куршумите со кои е усмртено девојчето, кое потоа е закопано во атарот на селото Бразда во Чучер Сандево, а неколку дена претходно го ликвидира и велешанецот Панче Жежовски чие тело е пронајдено во ридско место помеѓу Велес и Скопје.. Мотивот, според обвинителството се изнуда на пари која заврши со брзо убиство на Вања по нејзиното киднапирање. Палевски на 27 ноември лани им давал насоки на Кешишов, Манев и Видевски, со автомобилот на претходно убиениот Панче Жежовски да ја грабнат Вања од зградата во која живее. Сознанијата за нејзиното излегување, според нив, ги имале од нејзиниот татко. Откако ја киднапирале и ја ставиле во автомобилот, по пат им се приклучил и Палевски и заедно се упатиле кон Бразда, каде што е извршено убиството. Палевски потоа беше во бегство во Турција, а тројцата соизвршители, кои на 6 декември беа уапсени, ја признаа вината.Teлата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски беа пронајдени на 3 декември минатата година. (П.А.)