Од ЈП „Паркови и зеленило“ ги демантираа обвинувањата од Општина Карпош дека дрвото кое паднало било обележано и тоа подолго време за сечење, но тоа не било сторено, изразувајќи длабоко жалење за немилиот настан. Оттаму додаваат дека во случајот било евидентно оти дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило. Притоа, сметаат дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што, доколку се работи за подрачје на нивна општина требало да поднесат барање
Јавно обвинителство ги испитува причините за несреќата, во која во вторникот, при пад на гранка од дрво, во Карпош, беше повредено малолетно лице.
– Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, екипи на Министерството за внатрешни работи извршија увид во Општина Карпош, каде што при пад на гранка од дрво десетгодишно дете се здоби со тешки телесни повреди. Детето е хоспитализирано и сè уште е под опсервација. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот – информираат од ОЈО.
Од Општина Карпош за случајот побараа од одговорност од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, бидејќи нивниот пункт како што наведоа се наоѓал само на пет метри од местото на настанот.
– За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје. Во конкретниот случај потешко е повредено еден малолетник, кој случајно поминувал во паркот меѓу улицата „Никола Русински“ и „Карпошево Востание“ и врз него паднало дрво. За жал малолетникот има повреди на телото. Пренесен е во Ургентен центар. Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на пет метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“, кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните – реагираат од локалната самоуправа и побараа МВР да го документира овој немил настан, да се утврди одговорноста и за истата да се сносат правни последици.
Од Општина Карпош апелираа до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да се решаваат проблемите и да се бара одговорност.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ ги демантираа обвинувањата од Општина Карпош, изразувајќи длабоко жалење за немилиот настан.
– Ја информираме јавноста дека најостро ги демантираме наводите на општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. За конкретното дрво до нас нема пристигнато никакво барање ниту, пак, има издадено Решение за сечење. По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29, став 2, во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесеното барање, општините се должни во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“) – образложуваат од „Паркови и зеленило“.
Оттаму додаваат дека во случајот било евидентно оти дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило. Притоа, сметаат дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што, доколку се работи за подрачје на нивна општина требало да поднесат барање.
(А.П.)