Од вкупно 13 осомничени во новата истрага за набавките на мазут за потребите на ЕСМ, за петмина, ОЈО за организиран криминал и корупција на судија на претходна постапка му предложи затворски притвор. За сопствениците на РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Силкоски, за сопственикот на Пуцко Петрол Асмир Јахоски, за поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство уште по оддамна, од пред истрагата за случајот Адитив, за екс директор на државната компанија кој е во притвор исто за предметот Адитив. За останатите осомничени надлежниот обвинител предложил да им се одземе пасошот и да се јавуваат во судот. Обвинителството доцна попладнето ги објави деталите од кривичната пријава, се работело по сомнеж на Антикорупциската од минатиот состав, за сомнителни јавни набавки на мазут преку фирмата РКМ на Капушевски. Имено, осомничените сопственици на фирмата лажирале документи за добивање на тендер за мазут во ТЕЦ Неготино со што го оштетиле буџетот на државата за повеќе од 167 милиони евра.Во тоа за парична корист им помогнале поранешни директори на ЕСМ и членови на комисија за јавни набавки, свесно кршејќи ги правилата за конкуренција и тоа го правеле се до пред две години.
“Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД Електрани Северна Македонија – Скопје, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила„Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице.” стои во пријавата која опфаќа неколку кривични дела, од перење на пари, злоупотреба на должноста и злоупотреба на јавен повик за набавки.(П.А.)