Од 1 до 4 октомври се одржа втора акција на вадење на заостанати рибарски мрежи (познати како „мрежи духови“) од четири клучни локации на дното на Охридското езеро. Резултатите од втората нуркачка акција покажуваат дека од дното на езерото се отстранети вкупно 3.856 метри мрежа, а истите беа презентирани во Хидробиолошкиот завод во Охрид. Во акцијата учествуваа четири нуркачи од клубот „Амфора“ кои направија 98 нуркања со вкупно време на нуркање од 73 часа 38 минути.

– Горди сме што сме дел од оваа иницијатива, која има за цел да го зачува Охридското Езеро и неговите ендемски видови. Со заеднички сили успеавме да отстраниме значителен дел од „мрежите духови“ кои претставуваа закана за живиот свет во езерото. Ова е важен чекор кон обновување на подводниот екосистем – вели Јован Секулоски од нуркачкиот клуб „Амфора“.

Мрежите духови се напуштени, изгубени или оставени рибарски мрежи кои продолжуваат да ловат риби, птици и други организми, овие мрежи претставуваат значителна закана за кревките екосистеми на Охридското Езеро. Редовните акции за чистење се клучни за спречување на акумулацијата на мрежи духови. Ако овие мрежи не се отстрануваат редовно, последиците можат да бидат сериозни намалувајќи ги рибните популации и предизвикувајќи долгорочна штета на биодиверзитетот и локалната економија.

– Успехот на оваа акција е потврда за нашата постојана посветеност кон заштита на природата. Овие рибарски мрежи со години се таложеле на дното на езерото, претставувајќи закана за биодиверзитетот и заштитените видови што живеат во ова уникатно природно богатство Со платформата „Наша Гордост. Наша Одговорност.“, СКОПСКО се стреми да направи значителни промени во начинот на кој се грижиме за нашите природни ресурси. Охридското Езеро е наше национално богатство, и нашата цел е да го зачуваме чисто и безбедно за идните генерации – вели Марта Завкова, сениор бренд менаџер за СКОПСКО во Пивара Скопје.