Млади ентузијасти, уметници од културолошката иницијатива „5 до 12“, како и членови на навивачката група „Рибари“ ќе цртаат графити на јавните површини во Охрид.
Станува збор за проектот на локалната власт „И ѕидовите зборуваат на охридски – цртање мурали и графити на јавни површини, со мотиви од Охрид“, како дел од активностите во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Охрид и како дел од годишната програма за култура на Општината.
– Целта на проектот е да се популаризира уличната уметност со која јавните површини во градот добиваат душа. Мотивите за муралите и графитите ќе бидат познати личности од општествениот живот во градот, како и стихови и познати цитати од охриѓани – информираат од Општина Охрид.
Оттаму додаваат дека, преку проектот, се настојува да се стимулираат младите уметници да ја прикажат својата креативност на јавните површини, кои стануваат посредени и поубави.
Поради своите содржина и цел, од локалната самоуправа велат дека и во иднина ќе го поддржуваат настанот со кој, преку окото на уметниците, ќе се отсликува градот.