Охрид и Скопје се следните градови по Битола каде што државата ќе понуди комерцијални станови по далеку пониски цени од оние што се во моментов на пазарот на недвижности. Министерот за транспорт и врски, Алаксандар Николоски, смета дека со оваа акција државата има намера да ги нормализира цените на становите.
– Комерцијалната зграда што се гради во Општина Битола ќе биде понудена на продажба по цени што се, би рекол, реални, а тоа е 1.000 евра за м2 станбена површина, 500 евра м2 за гаража и деловни простории по 2.000 евра за м2 за да може да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, пред сè во неколку големи општини. Следни вакви комерцијални станови ќе се градат во Охрид, а ваков повик потоа ќе имаме и во Скопје, бидејќи многу млади брачни двојки не може да си дозволат да плаќаат по 2.000-2.500 евра за станбен квадрат – потенцираше Николоски.
Истовремено, во државава се градат и социјални станови. Во саботата беа доделени социјални станови во една таква зграда во Кочани.
– По неколкумесечна успешна работа на новиот директор на ЈП за станбен и деловен простор, Марјан Стефановски, како и на неговиот тим, веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со Министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливите категории граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории граѓани што навистина имаат потреба од овие станови и се надевам дека ќе имаат среќа и топол дом во нив. Би сакал на сите оние што денеска ги добиваат, да им посакам поубави моменти во нив, во годините што се пред нив – истакна Николоски.
За комплетирање на третата социјална зграда во Кочани се инвестирани 72 милиона денари и Николоски најави дека наскоро вакви станови ќе добијат и граѓаните во Велес и во други општини.
– Во моментов работиме на довршување или на изградба на социјални станови во Прилеп, Македонска Каменица, општините Сарај и Бутел во Скопје. Исто така, работиме и на реализација на комерцијални станови, јавноста е запознаена дека комерцијалната зграда што се гради во Битола ќе биде понудена на продажба по цени што се реални. Тоа е илјада евра за квадратен метар станбена површина, 500 евра за квадратен метар за гаража и деловни простории по две илјади евра за квадратен метар. Со тоа би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности – истакна Николоски.