Стопанската комора на трговци на големо и на мало, претежно со прехранбени и со непрехранбени производи, пијалаци и тутун, бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Како што соопшти Комората, одлуката, која предвидува 10-процентно ограничување на маржите, ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштат вработените, но и да ги затворат маркетите.
Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи се доведува во прашање опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и со 4.700 вработени.
– Во целост ја оспоруваме одлуката за ограничување на маржите на 10 проценти. Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Ќе мора да донесуваме рестриктивни одлуки за отпуштање на нашите вработени, за реструктурирање на работењето и за затворање на маркетите. Затоа бараме итно да се најде заедничко решение. Посочуваме да се земат предвид анализите, кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку дека ценовната политика ја водат доставувачите и производителите. Потенцираме дека никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или на доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Ако не се направи тоа, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите – или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари, до маркетите биле пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година на година опаѓа, а кај нив се зголемува – наведува Комората.
Комората укажува и дека досега, во формирањето на цените, не се мешала ниту една Влада.
– Имаме пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и од побарувачката, ако има зголемена понуда, цените сами се намалуваат, без да интервенира Владата, а за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството. Бараме да се најде разумно решение, да се создаде хармонија меѓу сите чинители, со цел да функционира целиот систем и да работиме успешно сите, како вистински деловни партнери. Како сериозни и посветени стопанственици, со долгогодишно постоење и работење во секторот трговија, не сакаме да преземаме радикални мерки, протести, блокади… Бараме итна средба со Владата за да ги образложиме состојбите. Бараме да се детектираат причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив, а не да се префрла вината на трговците. Веруваме, ќе се разбере за сериозноста на состојбата и ќе ја оствариме средбата во најбрзо време, бидејќи популистичките мерки не носат решавање на проблемите на долг рок – подвлекува Комората во соопштението.
Нагласува и дека опстојувањето на трговците е оптоварено со други давачки, како цената на електричната енергија.
– Цената на струјата во јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72 %, за дистрибуција 25 %.Платите во 2024, споредено со 2023 година, се зголемени околу 20 %, од март ќе има ново покачување, а трошоците за плати се движат од 12 до 15 %.Освен овие, да ги споменеме и другите комунални давачки, сервисирањето на опремата со која работиме. Немаме можност да ги издржиме сите овие оптоварувања со бруто-маржа од 10 %, односно нема да можеме да ја ставиме стоката на рафт, а не да ги услужуваме нашите потрошувачи. Со 10 % бруто-маржа не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15 до 20 %. Ако се видат бројките, се гледа и вистината, дека супермаркетите не се причина за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените. Во таа смисла. согледувајќи ја состојбата, бараме да се пристапи кон изнаоѓање на причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив, а не да се префрла вината на трговците. Проблемот треба да се реши трајно, да се направи контрола за заработката и маржата од производителите и увозниците и на крај – трговците – истакнува Комората.
Стопанската комора на трговци на големо и на мало, претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, е основана на 10 февруари 2025 година.
Владата денеска, на седница, треба да ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржата во трговијата на големо и на мало, која, според најавите, се очекува да опфати над 100 групи производи.