Ограничените маржи ќе направат јо-јо ефект на цените!

Мерката за ограничување на маржите веќе еднаш беше донесена од претходната Влада и не даде некој поголем ефект, само го смири растот додека траеше, а потоа цените повторно се зголемија. Економските експерти велат дека проблемот со цените е многу комплексен и не се решава со стари мерки. Производителите, пак, сметаат дека во овие неколку месеци додека трае мерката, трошоците ќе им се зголемат и ќе работат со загуби, така што по истекот на мерката цените не само што ќе се вратат по старо, туку можно е и да се зголемат. -Решението е многу покомплексно и не може да се постигне со истите мерки кои даваат мал или привремен ефект. Овие мерки ќе траат до локалните избори, а потоа ќе се тргнат. Сега целиот фокус на Владата е на изборите, а не на стандардот на граѓаните, изјави за весникот ВЕЧЕР, универзитетскиот професор Ванчо Узунов

425

Предлог-мерката за ограничување на маржите до 10 отсто во трговијата на големо и мало ќе има само краткорочен ефект врз цените на основните прехранбени производи и потоа тие ќе се вратат по старо. Оваа мерка еднаш веќе беше применета од претходната Влада и не даде некои позначителни ефекти, коментираат економските експерти. Освен тоа, компаниите повторно беа прерано информирани за мерката со тоа што повторно ќе имаат време да ги качат цените додека се донесе мерката. Од бизнис-секторот велат дека во овие неколку месеци додека трае мерката трошоците ќе им се зголемат и ќе работат со загуби, така што по истекот на мерката цените не само што ќе се вратат по старо, туку можно е и да се зголемат. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува драматично намалување на цените и спроведување на мерката од страна на супермаркетите и хипермаркетите.

Горан Малишиќ, претседател на Групација на мелничко-пекарската индустрија,  при Стопанската комора на Македонија, вели дека ниедна мерка, која не е пазарна и е донесена од Владата не е добра, бидејќи дава негативни резултати откако мерката ќе биде тргната.

-Краткорочно мерката ќе даде резултати во делот на цените на храната, односно тие нема да се зголемат. Но, откако ќе се тргне мерката, цените ќе се вратат по старо, а може и да се зголемат ако во меѓувреме се качат цените на струјата, суровините и репроматеријалите. Значи, ефектот за граѓаните ќе биде краткорочен, а компаниите ќе книжат загуби во овие месеци кои потоа ќе мора од некаде да ги покријат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Малишиќ.

Тој додава дека трошоците на компаниите се многу зголемени. Цената на струјата на слободниот пазар за компаниите е двојно зголемена, а качени се и цените на парното и на суровините на берзите…

-Во меѓувреме ќе стигнат за плаќање и камати за кредити, плати за вработени и други оперативни трошоци кои ќе мора да се покријат. Три години имаме мерки и затоа се доведовме во ваква ситуација во која сме сега, цените повторно да се високи, а компаниите да не се задоволни. Треба да се остави пазарот да функционира и сам да ги регулира цените, додава Малишиќ.

И економските експерти сметаат дека мерката за ограничување на маржите има мал и привремен ефект врз цените на основните прехранбени производи кои потоа ќе се вратат по старо.

-Оваа мерка само привремено ќе го смири растот на цените и ништо повеќе од тоа. Оваа мерка еднаш веќе беше донесена од претходната власт, а оваа Влада кога беше во опозиција ја критикуваше и сега ја носи истата мерка. Проблемот со замрзнување на цените и замрзнување на маржите е тоа што додека траат мерките цените не се зголемуваат, а кога ќе се тргнат цените се зголемуваат. Друг проблем е што оваа Влада повторно предвреме им ја најави мерката, така што и производителите и трговците имаат време да ги зголемат цените додека да се донесе мерката, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ванчо Узунов, универзитетски професор и економски аналитичар.

Според него, решението е многу покомплексно и не може да се постигне со истите мерки кои даваат мал или привремен ефект.

-Ние немаме конкуренција и производителите и трговците се усогласени, односно се договараат во однос на цените. Поради тоа нема конкуренција и нема кој да го наруши кругот. Овие мерки ќе траат до локалните избори, а потоа ќе се тргнат. Сега целиот фокус на Владата е на изборите, а не на стандардот на граѓаните, додава Узунов.

Инаку, оваа предлог-мерка Владата ја донесе на последната седница откако претходно извештајот на Државниот пазарен инспекторат покажа дека кај трговците на мало е утврдено дека имало над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери утврдени се повисоки маржи кои оделе дури и до 50 проценти.

Министерството за економија денеска или најдоцна утре треба да ја достави Предлог-одлуката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи до Владата. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека ќе бидат опфатени производите од есенската потрошувачка кошничка надополнети со непрехранбени производи, кај кои се зголемени високи маржи.

– Ќе има околу 100 групи на производи. Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има вакви производи каде што е зголемена маржата. Одлуката ќе важи до 30 април и ќе бидат опфатени и двата големи празника – Велигден и Рамазан, рече Дурмиши.

Дурмиши истакна дека анализата на Државниот пазарен инспекторат покажува дека трговците на мало користеле маржи од 5 до 20 проценти кај основните прехранбени производи и од 20 до 30 проценти бруто профитна маржа кај непрехранбени производи.

Најави дека ќе се одржи и состанокот со надлежните институции на кој ќе се разговара за мерките кои би имале подолгорочен ефект.

Останува препорака до маркетите е да ги објавуваат цените на нивните производи на интернет-страниците и на дневна основа редовно да ги ажурираат.

(А.С.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ