Цените на становите во земјите на Европската Унија и натаму ќе растат, оценуваат од Европската централна банка (ЕЦБ) со оглед на комбинацијата на ограничената понуда и континуираната солидна побарувачка.

– Пазарот на станбен имот во еврозоната брзо закрепна од инфлаторните притисоци, скапата енергија и од високите каматни стапки, но високите цени на куќите ја ограничија достапноста на становите – предупреди ЕЦБ.

Повикувајќи се на податоците за третиот квартал од 2024 година, од ЕЦБ посочуваат дека цените веќе го достигнале високото ниво од летото 2022 година и дека „нивното закрепнување било многу побрзо отколку во периодот по светската финансиска и должничка криза“ во еврозоната.

– Во текот на година и пол, цените паднаа за три отсто, со оглед на најниската и на највисоката точка во циклусот, а во двегодишниот кризен период паднаа за речиси пет отсто – забележуваат оттаму.

Релативно благиот пад на цените ги поштеди буџетите на домаќинствата и банкарските биланси, но нивното ниво е сè уште високо, што влијаеше негативно на достапноста на становите дури и во услови на „помалку строга“ монетарна политика.

– Цените на недвижностите би можеле да продолжат да растат во наредните квартали, со оглед на комбинацијата на ограничена понуда и континуирана солидна побарувачка – предвидува ЕЦБ, истакнувајќи дека таквиот тренд, можеби, нема да биде добро навестување за економијата во целина.

Банката во јуни минатата година почна да ги намалува основните каматни стапки, оценувајќи дека се создадени соодветни услови за олабавување на монетарната политика, со оглед на ублажувањето на инфлацијата. Од јули 2022 година до септември 2023 година, тие се зголемени за 4,5 процентни поени.

ИЗДВОЕНИ