Фронтот на огнот во Светиниколско е многу широк, но во овој момент населени места не се во опасност, известува утрово директорот на Центарот за управување Стојанче Ангелов.
На терен работат пожарникари а во приправност има доволно припадници на Армијата кои се вклучуваат по барање на локалните командири. Од воздух ќе делува еден армиски хеликоптер Ми 17 и три ер трактори на ДЗС, соопшти тој.
Ангелов додава дека пожарот над Прилеп во голем дел е ставен под контрола.
Доцна во ноќта е спасен и манастирот, во комуникација со командирот на ТППЕ Прилеп известени сме дека во моментот позади сртот на Маркови кули пожарот е поделен во два крака, ќе направат напори да го стават под контрола и изгаснат. Има доволен број на луѓе на терен а воздушна подршка во моментот не е потребна, соопшти тој.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев вчеравечер на социјалните мрежи информираше дека пожарите направиле голема штета на куќите и имотите во неколку села.
Во текот на денот беснееја повеќе пожари во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места. Пожарите направија голема штета по имотот на луѓето од тие места. Во гаснењето учестваа пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, ДПД Свети Николе, пожарникари од Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари за кој им се од срце заблагодарувам, вели Владев.
Во селото Немањици, според првичните проценки, изгорени се и една четвртина од домовите. Опожарени куќи има и во селата Орел и Малино.
Еден апел до сите наши сограѓани…Ве замолувам да не коментирате без потреба и да не дозволиме непотребно да им ја потценуваме работата и маката на луѓето кои цел ден гинеа на терен, вели Владев.
Од Министерството за внатрешни работи вечерва информираа дека нивните два хеликоптера исфрлиле над 50 тони вода на пожарите во Малино и Немањици.
Хеликоптерот Бел 412 исфрли 10 тони вода врз пожарот во с.Малино, а потоа продолжи да дејствува врз пожарот кај с.Немањица. Хеликоптерот Ми 171 исфрли над 40 тони вода во 18 налети врз пожарот во с. Немањица, се наведува во соопштението.