Од 10 до 16 февруари, припадниците на шумочуварската служба на ЈП „Национални шуми“, во три координирани акции со припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Шумската полиција, конфискуваа огромна количина бесправно исечено огревно дрво. Во неделата, во населено место во селото Србица, во надлежност на шумско- стопанската единица „Маркулија орел“, било затечено бесправно исечено и дотурено дабово огревно дрво, подготвено за превоз. По извршените контроли, било констатирано дека потекнуваат од бесправна сеча. Тие се одземени и пренесени во склад на Лопушник.

Претходниот ден, биле конфискувани бесправно исечени дабови огревни дрва во местото викано Црвени Брегови, во шумско-стопанската единица „Радовишка Ораовичка Река“ (атар на селото Ораовица). На 10 февруари, пак, во селото Бучим, во надлежност на шумско-стопанската единица „Радовишка Ораовичка Река“, било конфискувано дабово огревно дрво (сеченици) од непознат сторител. Дрвата се одземени и однесени во складот на подружницата.

Освен што се одземаат исечените дрва, полицијата ги запленува и возилата затечени на самото место, со кои дрвокрадците го вршат транспортот на исечената шума, и тие завршуваат во складовите на ЈП „Национални шуми“. Само во складот на „Национални шуми“ во Струмица има мноштво запрежни коли и моторни возила, а слична е состојбата и во другите подружници, при што неофицијално се зборува дека на ниво на целата држава има околу две илјади стари и хаварисани возила.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, деновиве изјави дека дрвокрадците оперираат со евтини возила, кои чинат од 300 до 500 евра и не им е проблем да удрат во службено возило на претпријатието и со тоа ги оневозможат чуварите да патролираат по шумите.

Запленетите возила се обврска на Агенцијата за одземен имот, од каде што истакнуваат дека Бирото за проценка ја оценува нивната вредност. Потоа ќе следува продажба на возилата, од кои најголемиот дел ќе завршат како старо железо.

ИЗДВОЕНИ