Општините во земјата добиваат голема поддршка на повеќе полиња од Европската Унија, а со евроинтеграцијата ќе се отворат и многу нови можности за Северна Македонија. Овие, како и голем број други теми, беа дискутирани во текот на посетата на Ресен на амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас. Дел од агендата беше средба со градоначалникот на општината, Јован Тозиевски, како и дискусија со општинските советници.
Шефот на делегацијата на Европската Унија го посети и основното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Царев Двор. Оваа образовна установа беше поддржана од Green Spirit Prespa, иницијатива за еколошки туризам која што е кофинансирана од ЕУ, а ја спроведува здружението „Гоу грин“.
– Европскиот туризам се движи кон иднина чија основа е одржливоста. Стратегијата на ЕУ, „Транзициски пат за туризам“, ги поставува темелите за позелена и поодговорна индустрија. Се промовира приспособливост на климатските промени, циркуларен туризам и паметна мобилност. Се дава поттик бизнисите да го намалат отпадот, да ја подобрат енергетската ефикасност и да воведат дигитални решенија за да го минимизираат влијанието врз животната средина. Суштинска е соработката меѓу владите, бизнисите и локалните заедници. Така се гради туризам, којшто не е само економски силен, туку и еколошки одговорен и социјално инклузивен. Во места како Преспа, но и во многу други делови, одржливиот туризам би отворил многу можности за економијата. Сето тоа, пак, значително ќе го зголеми потенцијалот за развој на целата земја – истакна Рокас.
Целта на споменатиот проект е да ја трансформира Преспа во одржлива дестинација што ќе работи цела година. Промовирање еко-практики за туризам, подобрување на локалната моќ и создавање зелени работни места за жени и млади, се дел од активностите. Покрај „Гоу грин”, партнери во проектот се здруженијата Spirit of Prespa, „Рурални жени од Преспа” и „Националната асоцијација за дојдовен туризам”.