Одржана обука за наставници „Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во основните училишта“

87

Општина Ѓорче Петров  продолжува со борбата за зголемување на безбедноста во училиштата. За таа цел, во просториите на ООУ „Мирче Ацев“ денеска се одржа обука на тема „Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во основните училишта“.

Како што информираа од Општината, обуката била реализирана во соработка со Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики „Европа за тебе“ од Скопје и на неа учествувале сите наставници од училиштето.

-Насилството меѓу учениците е сериозен проблем којшто општеството го носи со себе веќе во последнава деценија, а особено воспитните и образовните институции се на првата линија на одбрана. Како најголеми носители на воспитните вредности, наставниците играат клучна улога во спречувањето на насилството и создавањето на безбедна учебна средина. Обуката на наставниците беше наменета за стекнување нови знаења и вештини за ефективно справување со насилството и насилното однесување. Професорите и стручни лица, проф. д-р Ана Фрицханд и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, им понудија на учесниците нови методи за превенција и стратегии кои ќе ги применуваат во секојдневната работа – соопштија од локалната самоуправа.

Градоначалникот, Александар Стојкоски истакна дела со оваа обука, Општина Ѓорче Петров продолжува со својата посветеност на справување со насилството во училиштата.

-Вложуваме во едукацијата и безбедноста на нашите деца како важен дел од стратегијата за создавање безбедна и позитивна средина. Во нашата заедничка борба против насилството, наставниците се на првата линија и нивната улога е клучна во обезбедувањето на безбедна учебна средина – изјави Стојкоски.

По завршувањето на обуката, учесниците ќе добијат сертификати за учество, кои ќе им помогнат да ги применат новите знаења и стратегии во својата наставна практика.

Општина Ѓорче Петров и понатаму ќе продолжи да организира слични настани и да инвестира во образованието како фундамент за подобро и посигурно општество.

ИЗДВОЕНИ