Одново и одново слушам што му правеле на моето дете, мижам, не ги гледам!

Таткото на Вања за прв пат зборуваше за грозоморното киднапирање и убиство на неговата ќерка

1577

Тажна атмосфера настана во големата судница на Кривичниот суд кога таткото на убиеното девојче Вања, Александар Ѓорчевски сведочеше пред јавноста и за прв пат од почетокот на судењето опширно зборуваше за настанот и врската со семејството. Во плач и чести издишувања додека во речениците го спомнуваше името на Вања, Ѓорчевски рече дека решил да ги потисне емоциите, да собере сила и да зборува за сите оние што со него страдале, но и за оние што не го познавале, да ја каже неговата страна на приказната оти нема апсолутно никаква поврзаност со обвинетите.

„Психички не сум сигурен колку можам, но сакам да го дадам исказот. Пред се заради Вања, бидејќи тука во судницата беа изнесени ноторни невистини и сакам да порачам дека тато е истиот тој човек од пред 4 декември (денот на неговото апсење) и оттогаш па натаму јас сум претставуван во спротивно светло од она што сум“, почна да зборува Ѓорчевски кој е обвинет дека им помагал на Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во грозоморното киднапирање и убиство на неговата ќерка, информирајќи ги за часот кога таа заминува на училиште.

„Мижам не ги гледам, затворени ми се очите“, рече Ѓорчевски и негира дека во животот било кој од нив го има сретнато.  За целото време додека зборувале за ужасните работи за кои се обвинети, забележал дека ниту чувствуваат вина, ниту покајување, туку демонстрираат гнев и разочарување од така наречениот „цар“ (мисли на Љупчо Палевски)

„Одново и одново со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете: кој имал задача да ја грабнува, кој да и ги врзува рацете и нозете,  ја трескале во гепеци, ја носеле во вреќи, и вршеле психичка тортура , се обидувале да ги замачкаат доказите и да успеале во тоа, бог знае уште колку убиства ќе направеле“, рече Ѓорчевски.

Додека тој зборуваше седнат во првиот ред од судницата, само Палевски мирно го гледаше од своето место, во последниот ред. Останатите се со наведнати глави, а Велибор Манев кој е обвинет дека заедно со Палевски биле планери на грабнувањата, ги гризеше прстите, го покриваше лицето со рацете, а потоа ја наведна главата.

На прашањето дали имал контакти со првообвинетиот Палевски, таткото на Вања рече дека слушнал за него, но додека не го видел во судницата, го мешал со друг човек.

„За Палевски сум слушнал од зградата Тифани, дека тој ја градел, комшиите го нарекувавме Упа, го немав видено ниту запознато. Луѓето зборуваа дека е голем бизнисмен и му го стопирале објектот, така паметам не ми било важно. Знаев дека живее кај Песталоци во голема луксузна куќа. Само сум слушал за него. Исто така, Зорица со родителите живееше во негова зграда наспроти Фонтна, но сите знаевме дека е изградена од комшијата Страшо директор на Гранит дури и го имам помешно со друг комшија. За Палевски дознав кога ме задржаа во станица, ме прашуваа како сум комуницирал со него и што сум се договарал“ објаснуваше Ѓорчевски

Александар Ѓорчевски кој во текот на истагата заедно со сведокот Гоце Трајковски набавувале снимки од камерите од околините објекти на зградата од која беше киднапирано девојчето, смета дека дал голем придонес во расчистување на случајот. Одговараше на прашања од својот бранител Владимир Туфегџиќ. За односот со децата рече дека било љубов на прв поглед, особено со првороденото Вања. Напуштил работа во договор со мајката Зорица, ги чувал ги хранел, а кога пораснале се ставил во функција да ги разнесува каде што е потребно. Ги следеле преку телефонска апликација и цело време знаеле каде се движат. Така било и кога се изгубил сигналот кога киднаперите и го скршиле телефонот, со Зорица биле согласни дека мора веднаш да пријават во полиција.

„ На 27-11 (денот кога Вања е киднапирана)  се случи лудилото. Ми се јави Зорица растревожена, викаше Сашко ја нема Вања. Ја отворив апликацијата и забележав дека последно била кај Хаус Гарден на Партизанска пред Рузвелтова и знаев дека нешто не е во ред, беше оф лајн,  што значи дека или го исклучила телефонот или е онеспособен. Зорица ме праша дали да пријавиме во полиција, а јас и реков апсолутно да“, продолжи со одбраната Александар. Милион сценарија му се вртеле во главата едно од нив дека можеби грабнувачи ја носат кон граница со Косово, па поради тоа тргнал со автомобилот накај Блаце. Се вратил назад бидејќи некој од родителите предложил да се прегледаат камерите на училиштето. Од почетокот на неговото ангажирање во потрагата по ќерката, Александар вели дека полицијата го гледала со сомнеж.

„Тапкаа во место од почетокот. Ми покажуваа слики од девојчиња, да потврдиме дали е тоа Вања. Нѐ убедуваа дека не си го познаваме детето, дека Вања избегала со некој дечко кон Тетово, дека решила да отиде во Шведска кај другарче од платформата Дискорт. Полицајците ме убедуваа дека Вања се регрутирала во ИСИС и заминала во Шведска. Ме прашуваа колку станови имаме, на чие име се водат, колку возила поседуваме. Еден од инспекторите ми се пушти дека само јас сум викал дека Вања е киднапирана. Во тој момент ја достигнав точката на топење и можеби го навредив. Со повисок тон му се обратив „Киднапирана е Кире, киднапирана е“. Ме правеа ретардиран во целата ситуација, а цело време ја водеа истрагата во погрешна насока – сведочеше Ѓорчевски. Судењето продолжува во петок. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ