Хрватска, најпопуларната дестинација за жителите на Салцбург кои одат на одмор со автомобил, е на удар на зголемените цени и тешкотиите во сообраќајот, пишува австриски Krone Zeitung. Дополнително, зголемен е бројот на евтини летови кои им овозможуваат на граѓаните да патуваат на други дестинации.
„Хрватска? Не повеќе, без да се земат во предвид цените! – Веројатно ова е мотото на дел од жителите на Салцбург кои со години патуваат до најпопуларната австриска дестинација за одмор на Медитеранот до која се стигнува со автомобил“ се вели во текстот.
Во текстот се наведува дека на одлуката за летување во Хрватска влијае неизвесноста во сообраќајот, особено поради градилиштето на тунелот на австрискиот автопат А10, и невообичаено високите температури на Јадранот, пренесува Индекс.хр.
Љубителите на одморот во Хрватска се навистина загрижени за цените“, изјавија неколку туристички експерти за најпопуларниот австриски таблоид.
Во споредба со Италија, втората најпопуларна дестинација, некои работи, како што се хотелите и храната, се поскапи во Хрватска веќе подолго време. Воведувањето на еврото дополнително ги зголеми цените, се вели во текстот.
Неспорно е дека Хрватска се уште е најпопуларна дестинација, пишуваат австриските весници, но некои други медитерански дестинации се повеќе се популарни.
„Побарувачката за Грција е сè уште голема“, вели Александар Клаус од аеродромот во Салцбург. Турција привлекува со добар сооднос цена-квалитет, а Тунис е исто така евтина алтернатива, рече тој.
„Како и во Турција, понудата „all inclusive“ е особено привлечна за семејствата“, вели Клаус.
Аеродромот во Салцбург бележи зголемување на бројот на патници, особено кога станува збор за директни летови до островите во Средоземното Море. Според тур-операторот TUI, Крит е најпопуларниот остров за туристите од Салцбург, а потоа следат Мајорка и Родос.
Аеродромот очекува 1,66 милиони патници оваа година, што е за 100.000 помалку отколку пред корона вирусот. Клаус вели дека бројките се намалени поради помалку службени патувања, а не поради граѓаните кои патуваат на одмор. „Компаниите сè уште не сакаат да испраќаат вработени во прекуокеанските филијали“, рече тој.