Одлуката за зголемување на цената за изминат километар на приватните превозници е легитимна

5

Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за зголемување на тарифата за приватните превозници на предлог од нивната советничка група е легитимна. Во вчерашното соопштение од партијата велат дека со тоа се избегнал предлогот на СДСМ, поддржан од Левица и од ДУИ, за зголемување на цената на билетот за превоз за граѓаните.

– Данела Арсовска може да не се согласува со оваа одлука, но таа е легитимна и денес свесно внесува неоснована забуна во јавноста и во медиумите кога вели дека истата не е донесена поради недостиг на кворум. Што не е вистина, го демантираме тоа и може лесно да се заклучи тоа од снимките, кои се јавни. Со таквото нејзино тврдење, штитејќи ги тесноградите и партиски интереси на триото СДСМ – ДУИ – Левица, на штета на скопјани, практично сака да се врати проблемот од почеток, да не се решат барањата на превозниците и Скопје да е во повторен хаос – предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие апелираат да се стави во сила легално и легитимно изгласаната одлука на Советот, кој е орган чии надлежности, како што велат, се над криминалните желби на кумата и господар на хаосот во Скопје, Данела Арсовска.

Но, упатија апел и до советниците на СДСМ и до координаторката Љубица Јанчева, како и до советниците на Левица и на ДУИ, да не се прават, како што наведуваат, крпи и да го губат достоинството пред налетот на сценаријата за хаос на Арсовска и да ја деградираат функцијата советник, потчинувајќи ѝ се на Арсовска.

– Одлука и решение е донесено на последната седница. И тоа треба да се спроведе – децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот в.д. директор на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, во врска со тоа дали финансиската полиција го разгледува поништениот тендер на ЈСП за гориво, во изјава за медиумите истакнува дека чекаат да им се достави документацијата од јавното претпријатие и откако ќе проверат, ќе видат каков поднесок ќе поднесат до ОЈО Скопје.

– Документацијата од Бирото за јавни набавки е прибавена. Чекаме документација од ЈСП, доставено е барање до ЈСП и врз основа на сето тоа ќе утврдиме, ќе анализираме, ќе провериме и ќе видиме со каков соодветен поднесок ќе одиме до Основното јавно обвинителство – Скопје. Сепак, нема да бидат изоставени консултациите со јавен обвинител во овој случај – посочува Ивановски.

А, во однос на разгледувањето на ревизорскиот извештај за ЈСП во кој се утврдиле проблеми со финансиското раководење, Ивановски потенцира дека за конкретниот случај работат на две тендерски постапки.

(А.П.)