Одлуката на Трамп го шокираше светот: „Се повлековме чекор назад“

1124
EPA-EFE/WILL OLIVER

Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц потврди дека САД го прекинале споделувањето разузнавачки информации со Украина, јави Би-Би-Си.

„Се повлековме чекор назад“, рече Волц за прекинот на размената на разузнавачки информации.

Тој додаде дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп „ги паузира и ги разгледува сите аспекти на овој однос“.

Претходно францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција мора да се подготви да работи без американска помош.

„Сакам да верувам дека САД ќе останат со нас, но мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај“, рече Макрон.

Тој го опиша овој период како „нова ера“ и ја повика Европа да ги зголеми трошоците за одбрана.

Во понеделникот, Вашингтон ја прекина воената помош за Киев по драматичниот раскол во односите за време на состанокот во Овалната соба минатата недела, кога од украинскиот претседател Володимир Зеленски беше побарано да ја напушти средбата со Трамп по жестока расправија.

Одлуката ја потврди директорот на ЦИА Џон Ретклиф. Во своето објаснување тој изјави дека Трамп има „сериозни сомнежи дали Зеленски е навистина посветен на мировниот процес“.

„Ако можеме да ги дефинираме овие преговори, да ги придвижиме и да ставиме на маса некои мерки за градење доверба, претседателот сериозно ќе размисли за укинување на оваа пауза“, потврди Ретклиф за Фокс њуз.

Информациите што Украина ги добива од САД и помагаат не само во стратешкото предвидување на следните потези на Москва, туку и во тактичката акција, како што е прецизно таргетирање на оружјето кон руските воени позиции.

Поранешниот заменик помошник секретар за одбрана и пензиониран офицер на ЦИА, Мајк Малрој, за Би-Би-Си изјави дека прекинот на разузнавачката соработка со Украина „веднаш ќе ја ослаби нејзината одбранбена способност“. „Ова најверојатно ќе ја охрабри Русија да се обиде уште поагресивно да заземе дополнителна територија и да ги оддалечи преговорите од мировната маса“, изјави тој за Би-Би-Си, пренесува Аваз.

ИЗДВОЕНИ