Уставните судии го одложија одлучувањето по уставноста на Законот за јазиците откако на денешната седница решија да се оддржи потготвителна седница на која ќе ги слушнат мислењата на експертската јавност.
Листата на учесници и спорните прашања кои ќе бидат разгледувани на таквата седница ќе треба да ја направи судијата – известител по овој предмет Елизабета Дуковска која ќе го предложи и датумот на одржувањето на седницата.
Дуковска, инаку, прва предложи да се оддржи подготвителна седница, откако уставните судии ја отворија расправата по првата точка од дневниот ред посветена на Законот за јазиците.
-Сметам дека имаме должност да ги увериме граѓаните во нашата непристрасност и да ги отврлиме сите сомнежи кои постојат во јавноста. Предлагам да се оддржи подготвителна седница за овој предмет. Факт е дека одамна не сме одржале таква седница. Имаше една подготвителна седница за овој предмет, но на неа само се разгледуваше Указот за прогласување на Законот за јазиците, но не и за содржината. Нема ништо да загубиме ако се оддржи подготвителна седница, рече Дуковска.
Претходно, уставните судии ја започнаа седницата без присуствотом на двајцата судии од албанската етничка заедница – Осман Кадриу и Насер Ајдари. Судијата Фатмир Скендер, од турската етничка заедница, побара предметот да се одложи додека не се обезбеди присуството на двајцата отсутни колеги за да судот „одлучува како едно семејство“. Но, тој негов предмет не беше прифатен од страна на останатите судии.
-Тогаш јас нема да учествувам во одлучувањето по предметот за Законот за јазиците, но ќе учествувам по останати точки од дневниот ред, рече Скендер кој потоа ја напушти седницата.
Останатите шест судии со гласање 5 : 1 одлучија да се оддржи подготвителна седница. Единствена која што беше против седницата и која сакаше денеска да се одлучува по предметот беше судијката Добрила Кацарска.
-Нема потреба да се оддржи подготвителна седница. Предметот е јасен. Кои се тие експерти кои нам ќе ни кажат дали е нешто уставно или не, тоа треба ние да го кажеме. Имаме и мислења од Венецијанската комисија која што вели дека ние треба да одлучиме има и јасни препораки, објасни таа.
Но, претседателот на Судот Дарко Костадиновски, како и судиите Ана Павловска – Данева, Јадранка Дабовиќ и Татјана Васиќ – Бојаџиева, беа за консултации со експерти.
– Јас сум поборник на подготвителни седници, треба да имаме расправа за содржината на Законот и таква седница ќе ни помогне во должноста да ги увериме граѓаните во нашата непристрасност. Клучен е нашиот став по Амандманот V во Уставот, и какво толкување ќе дадеме за него, рече Костадиновски.
Инаку, седницата на Судот се одржуваше под силно полициско обезбедување. Пред влезот и денеска имаше насобрани партиски активисти на ДУИ. Но, додека се одржуваше седницата немаше инциденти. (Б.Ѓ)