Луѓето што планираат да патуваат во земјите на Европската Унија, може да здивнат. ЕУ објави дека се одложува примената и на системот ЕТИАС, кој беше планиран за мај годинава, а кој, заедно со исто така одложениот ЕЕС, според експертите, барем на почетокот од примената би бил причина за метеж и за нервози, но и трошок од 7 евра за влез во Унијата.
– ЕТИАС во моментов не е оперативен и нема да почне во првата половина на 2025 година. Во моментов, на патниците не им требаат нови процедури, освен најави. Европската Унија ќе објави за почетокот на ЕТИАС неколку месеци пред неговото лансирање – се наведува на официјалната веб-страница.
Претходно одложениот систем за влез/излез – ЕЕС требаше да се имплементира во ноември лани, а според последните информации, ќе се воведе подоцна годинава. Но, некои земји веќе почнаа интензивни подготовки за ЕЕС. На пример, финското Министерство за внатрешни работи неодамна потврди дека земјата е подготвена да го спроведе. Неколку дена пред Финска, Шпанија го направи првиот чекор кон спроведување на ЕЕС, кога отвори нов паметен систем за влез и за излез од ЕУ на границата Мелила – Мароко. Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, го отвори системот и истакна дека Мелила е подготвена да изврши автоматизирани проверки штом ќе биде лансиран системот низ ЕУ.
„Еуростар“, исто така, најави промени во своите возови меѓу Париз и Лондон, како подготовка за воведување на долго одложуваниот ЕЕС. Патниците што патуваат со воз меѓу Париз и Лондон, треба да бидат свесни дека железничкиот оператор низ Ла Манш, „Еуростар“, ќе го укине популарниот биометриски систем за пријавување на станицата Сент Панкрас во Лондон, како дел од подготовките за воведување на системот ЕЕС, објави компанијата.
Системот за влез/излез (ЕЕС) е автоматизиран ИТ- систем за регистрирање државјани што не се oд земји членки на ЕУ, кои патуваат на краток престој, секој пат кога ќе ги преминат границите. ЕЕС ќе функционира така што, освен пасошот, ќе се бараат и биометриски податоци, односно отпечатоци од четири прсти и фотографија на лицето на граничните премини. Системот ќе се применува на граничните премини на: Бугарија, Хрватска, Унгарија, Романија, Словенија, Грција, Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Словачка, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Системот ЕТИАС (Европско електронско овластување за патување) ќе вклучува издавање патна дозвола, која ќе чини седум евра. Таа ќе биде поврзана со пасошот на патникот и ќе важи три години или до истекот на важноста на пасошот.