Одложена расправата за Коцевски: Советот на јавни обвинители останал без кворум

25

Предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, денеска не се разгледуваше во Советот на јавни обвинители. Дел од членовите се отсутни, па седницата се одложува, објасни првиот човек на советот.

„Според Претеседателката Душица Димитриеска, здравствени и фамилијарни се причините поради кои тројца членови не се појавиле на своите работни места. Немањето кворум го одложи разгледувањето на предлогот за разрешување на државниот обвинител Коцевски“.

Одложувањето на седницата, доаѓа по неполни 24 часа откако премиерот најави стопирање на постапката за разрешување. Советот, досега не добил известување дека процесот се запира, па, претседателката Димитриеска, вели дека законот ги обврзувал да расправаат за разрешувањето на Коцевски. Рокот истекувал на крајот од идната недела.

Позитивно, негативно или воопшто да не испратат мислење се опциите пред Советот, но што и да одлучат, предлогот за разрешување, Владата нема да го испрати до Собранието. Така ќе запре и постапката, појасни владиниот портпарол.

„Она на што се однесуваше дека како влада ќе ја прекинеме постапката се однесува на делот што владата потоа, по добиеното мислење треба да го испрати таквото мислење до Собранието. Во овој контекст, сакам да појаснам дека владата и доколку добие мислење од страна на Советот на Јавни обвинители, ќе ја запре постапката, односно, истото нема да го прати во Собрание, а се разбира, Советот согласно роковите кои ги има, ќе постапува“, изјави Марија Митева, Портпарол на Влада.

Премиерот Мицкоски, вчера изјави дека брзото разветлување на трагедијата во Кочани ги премислило во намерата за разрешување на Коцевски. Со дадената шанса, очекува обвинителството да преиспита и трагедии од минатото како сообраќајката кај Ласкарци и пожарот во модуларната болница.

 

ИЗДВОЕНИ