Закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Мade in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, кој требаше да се одржи во четврток, на 3 април (20:00 ч.), по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар, се одложува за наесен, поради трагичниот настан во Кочани.
Во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април 2025 година, во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниов распоред: во 10:00 и во 12:00 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“. Потоа следуваат „Бели ноќи“ од 18:00 часот, „Мој термин“ од 19:00 часот и „Торонто експрес“ од 21:30 часот. Вратите за публиката ќе бидат отворени, односно билетите ќе бидат достапни гратис, а публиката ќе може да ги подигне на билетарницата на МНТ.
За изведбите на детската претстава, билетите ќе се подигаат на 2 април од 12:00 до 20:00 часот, а за вечерните изведби – на 3 април од 12:00 часот.
Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, ќе патува во Атина, каде што во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена „Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive.“, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година, во Националниот театар на Грција, во Атина. Со обновувањето на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC им е посветена на промовирањето на современата драма, олеснувањето на уметничките размени и поттикнувањето на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој.
Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април во 20:00 часот, на малата сцена, публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и на Андреја Салпе, кој вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика. Мултисензорно искуство каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна, по вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.