Вишиот суд во Нови Сад го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад да му одреди мерка притвор на обвинетиот Горан Весиќ за падот на настрешницата. Обвинителен акт е поднесен против тринаесет лица, меѓу кои и обвинетиот Горан Весиќ, кој се товари за сторено тешко кривично дело против општата безбедност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност.
„Со одлуката на судот, меѓу другото, се посочува дека на 27.11.2024 година на тогаш осомничениот Горан Весиќ му бил прекинат притворот поради немање основано сомнение дека го сторил кривичното дело кое сè уште му се става во обвинението, дека обвинението сега е во фаза на мериторно испитување во смисла на член 337 од Законот за кривичната постапка, а дека предлогот на јавниот обвинител да определи притвор во оваа фаза од постапката, за обвинетиот Горан Весиќ, остана нејасен и необразложен, особено имајќи предвид дека обвинителот не наведува нови факти и околности кои би го поткрепиле неговиот предлог“, се наведува во соопштението на Вишиот суд во Нови Сад.
На 31 декември, Вишиот суд одлучи да не му одреди притвор на Весиќ, но на 8 јануари Апелацискиот суд во Нови Сад му наложи на првостепениот суд повторно да одлучува по ова прашање.