Во Битола денеска се славеше 4 Ноември, денот кога пред 80 години градот беше ослободен од фашистичкиот окупатор.
Како што е познато, на овој ден, во 1944 година, борците на 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија во чиј состав биле и борците на Седмата битолска бригада, победоносно марширале низ Битола, откако го ослободиле градот од окупаторот.
За време на Втората светска војна, околу 270 борци од Битола и Битолско ги положиле животите за слободата на градот и според востановената традиција, вчера претпладнето на Партизанските гробишта беше положено цвеќе.
Празничната програма организирана од Општина Битола е во тек, вчера вечерта се одржа традиционалната ноќна атлетска трка, а вечерва во големата сала на Центарот за култура ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени годишните општински признанија, како и наградата за животно дело која годинава му припадна на доајенот на македонското глумиште, актерот Борис Чоревски.
Вечерва, во изложбениот салон на Офицерски дом ќе биде отворена и изложба „Битола – слободна“ чиј организатор е битолскиот Архив, а празнични манифестации ќе бидат одржани и во наредните денови.