Одбележани 82 години од депортирањето на штипските Евреи во логорот на смртта „Треблинка“

21

-Македонија со голем пиетет се сеќава на депортираните 7.144 Евреи од Битола, Штип и Скопје. Им одадовме почит на битолските Евреи, им одаваме почит и на 535 штипски Евреи депортирани во „Треблинка“, а ќе им одадеме почит на заедничка комеморација на сите македонски Евреи во Скопје пред Тутунскиот комбинат и во Музејот на холокаустот – изјави претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви

 

Општина Штип и Еврејската заедница денеска им одадоа почит на 535 Евреи од Штип, кои беа убиени во логорот на смртта „Треблинка“.

По тој повод се одржа Поворка на живите, беше положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи во Штип, а беа посетени и Еврејските гробишта.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека по 82 години од кобната ноќ, меѓу 10 и 11 март, сè уште се силни спомените за 535 Евреи од Штип кои беа депортирани и убиени во „Треблинка“.

-Македонија со голем пиетет се сеќава на депортираните 7.144 Евреи од Битола, Штип и Скопје. Им одадовме почит на битолските Евреи, им одаваме почит и на 535 штипски Евреи депортирани во „Треблинка“, а ќе им одадеме почит на заедничка комеморација на сите македонски Евреи во Скопје пред Тутунскиот комбинат и во Музејот на холокаустот – изјави Леви.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека никогаш не треба да се заборави датумот кога Евреите од Штип биле депортирани во логорот на смртта „Треблинка“.

-Го одбележуваме датумот што никогаш не треба да се заборави, но и да ни биде поука за во иднина да имаме повеќе толеранција, соживот и да градиме едно заедничко општество без разлика на етничка, верска или која било припадност за сите – вели Јорданов.

На споменикот на депортираните Евреи во Штип, цвеќе положија владина делегација составена од министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и државниот секретар во министерството за правда, Дајанчо Ефтимов, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Душко Иванов и Благој Бочварски, претставници од државни и локални институции и политички партии.

 

ИЗДВОЕНИ