Одбележан националниот Ден без брзање: И познатиот часовник во Прага запре 13 минути

13

Средновековниот часовник Орлој во Прага денеска симболично застана 13 минути поради 148-те жртви на пребрзото, опасно возење во последната година во Чешка.

Денеска, кога Чешка го одбележува националниот Ден без брзање, владината седница почна со 13 минути доцнење, а исто толку доцнеше и фудбалскиот натпревар Спарта-Плзен и многу други настани.

Тие 13 минути доцнење се симболична порака дека ова е единствениот пат кога возач во просек „штедел“ на автопатот од Прага до Брно доколку вози 20 километри на час побрзо од дозволената брзина.

Целта на кампањата е да предупреди дека речиси и да не постојат ситуации во кои вреди да се ризикува животот поради пребрзо возење, а брзото возење е одговорно за 15 отсто од сите сообраќајни несреќи во Чешка, а дури 36 отсто од оние во кои некој загинал.

Годинава националниот Ден без брзање се слави во екот на скандалот околу европратеникот Филип Турек, почесен претседател на маргиналната радикална десничарска партија „Возачи за себе“, кој неодамна на социјалните мрежи се пофали со фотографија на која се гледа како го држи воланот со едната рака додека вози 238 километри на час, наводно во Германија каде што е дозволено.

Активистите од проектот Манипулатори, сепак, брзо утврдија дека Турек не ја сликал фотографијата во Германија, туку во Чешка, во близина на Плзен, а новинарите потсетија дека тој веќе се пофалил на социјалните мрежи, додека бил популарен само како натпреварувач на автомобилски трки, дека возел со брзина од 325 километри на час во близина на Острава во источна Чешка.

Европратеникот првично негираше дека сликата е од Чешка и им се закануваше на луѓето кои откриле каде возел двојно поголема брзина, нарекувајќи ги лажговци и дезинформатори, но се пофали дека редовно возел 250 километри на час во Германија.

Дури кога чешките спасувачи објавија слика од сообраќајна несреќа во која млад човек удри во дрво возејќи пребрзо и загина, со порака до поддржувачите на Турек да не го следат нивниот идол затоа што ќе завршат како него, Турек апелираше до Чесите да престанат да поставуваат свои рекорди за брзина и да ги објавуваат на социјалните мрежи, следејќи го неговиот пример.

Истрагата ја водеше чешката полиција, а на Турек му се заканува губење на возачката дозвола бидејќи адвокат од Брно почнал да собира докази за да поднесе кривична пријава против европратеникот.

ИЗДВОЕНИ