Од земја никнува најубавиот стадион поради кој ќе останете без здив!

81

Саудиска Арабија го продолжува градежниот бум со најавата за амбициозниот проект за изградба на стадионот „Крал Салман“, особено откако беше одлучено земјата да биде домаќин на Светското првенство во 2030 година.

Овој огромен спортски објект треба да стане еден од најголемите стадиони во светот, со иновативен дизајн инспириран од пустинскиот пејзаж.

Проектот има за цел да ја стави Саудиска Арабија во првите редови на меѓународните спортски и архитектонски иновации.

Изгледот на стадионот е инспириран од семе кое никнува во пустината, соодветен симбол за земја посветена на раст и иновации. Дизајнот вклучува големи кружни делови, зелени ѕидови и зелен покрив, простор со патеки за пешачење, создавајќи впечатлив визуелен контраст со сувата средина на саудиската престолнина Ријад.

„Дизајнерската инспирација е извлечена од хипнотизирачкиот природен пејзаж на Саудиска Арабија, со симболичен концепт што претставува семе кое никнува, пука од земјата и се појавува како динамична, но навидум природна интервенција“, објаснија архитектите на стадионот.

„Засадувањето на ова „семе“ ја симболизира посветеноста на Саудиска Арабија за негување и зголемување на учеството во спортот од најниското па се до елитно ниво“, додаваат тие.

Стадионот нема да биде само спортско место, туку ќе биде и симбол на идните амбиции на Саудиска Арабија. Неговиот капацитет од над 92.000 седишта ќе го направи да биде најголемиот стадион во земјата и еден од најголемите во светот.

Покрај главниот простор за седење, стадионот ќе има и кралска ложа, салони за гостопримство, 2.200 ВИП седишта и 300 ВИП седишта за гостите од највисокиот профил.

Освен главниот стадион, стадионот „Крал Салман“ ќе има и неколку дополнителни атракции. Ќе има простории за  внатрешни изложби, градини и ѕидови за качување за да ги забавува посетителите.

 

Во целиот проект ќе биде вклучен и центар за водни спортови со олимписки базен, помал атлетски стадион и патека за трчање што минува низ блискиот парк.

Стадионот ќе биде лоциран во Ријад, веднаш до големиот парк кој моментално се гради. Зелениот простор ќе го надополни одржливиот дизајн на стадионот, нудејќи им на посетителите место за одмор и уживање во природните убавини на областа.

Развојот на паркот е дел од поголема урбана трансформација што се случува во главниот град на Саудиска Арабија, пишуваат саудиските медиуми.

Завршувањето на работите е предвидено до крајот на 2029 година, а кога ќе биде завршен стадионот Салман, тој ќе стане седиште на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија.

Ова ќе го постави стадионот како центар на спортскиот идентитет на Саудиска Арабија, обезбедувајќи дом за големи спортски настани и национална гордост.

Покрај изградбата на стадионот „Крал Салман“, Саудијците почнаа да градат уште два стадиони кои го одземаат здивот. Во прашање се стадионот „Принц Мохамед Бин Салман“ и „Киддија Сити Еспортс Арена“, сите со цел да го надминат Катар, кој во 2022 година го организираше најдоброто Светско првенство досега.

ИЗДВОЕНИ