Од вторник на штрајк излегуваат и вработените во четири министерства, бараат 30 отсто зголемување на плата 

320

Штрајкот на вработените во Државното правобранителство, кој почна пред два дена, ќе трае сè до исполнување на нивните барања. Како што најавија од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани од следниот вторник, односно на 14 јануари и вработените од уште четири министерства ќе протестираат пред зградите на нивните министерства. Од УПОЗ се надеваат дека брзо ќе се постигне договор за да се избегне застој во работата на инфраструктурните проекти, меѓу кои се оние од „Бехтел и Енка“, со оглед дека постапките за експропријација се водат во Правобранителството.

Одлуката за штрајк на вработените во Државното правобранителство, повеќе државни институции и министерства доаѓа откако финансии не им одобри 30 отсто додаток на плата, односно не даде зелено светло за нивните колективни договори без кои тие не можат да го добијат додаток.

-Она што го баравме од УПОЗ и од ССМ, кога се потпишуваше Општиот колективен договор за јавен сектор е да не бидеме поврзани со минималната, туку со просечната плата. Просечна плата треба да зема помлад соработник во министерствата и во државните институции. Така кога ќе ги додадеме овие 30 отсто зголемување на плата излегува дека помлад соработник ќе биде поблиску до просечната, отколку сега до минималната плата. Оттаму е нашето барање за 30 отсто зголемување на платата. И актите што ги носи Врховен суд дозволуваат максимално 30 отсто зголемување на плата, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Според Деаноски, проблемите во Државно правобранителство, во државните институции и министерства постојат со години наназад, но ниту една влада досега не понудила решение.

-Ние досега нудевме безброј начини како да го решиме тоа дали преку закони или преку колективни договори, но ниедна влада не најде решение на нашите барања. Незадоволството излегува на виделина. Некои работници во јавниот сектор веќе се заминаа, а дел се заканија дека ќе дадат отказ ако не се исполнат овие барања. Штрајкот на Правобранителство ќе трае сè до исполнување на барањата на вработените, исплата на 30 отсто додаток на плата, одобрување на Колективниот договор за вработените и носење на Закон за државна правобранителска служба. Моментално она што работат во Правобранителство и што ги интересира граѓаните се постапките за експропријација од кои зависи изградбата на коридорите 8 и 10. Се надеваме дека брзо ќе се постигне договор за да се избегне застој во работата на овие инфраструктурни проекти, изјави Деаноски.

Од УПОЗ се на ставот дека вработените во овие министерства се дискриминирани во однос на оние од Службата за општи и заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, во дел од здравство, образование и од финансии чии колективни договори се одобрени и им е овозможена исплата на додаток на плата од 30 отсто.

(А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ