Кошаркарскиот клуб Вршац се откажа од учеството во АБА2 лигата за оваа сезона, а како една од причините е гневот кој го имаат кон МЗТ Скопје, односно нивниот пласман во АБА лигата пред три сезони.
Имено, во сезоната 2021/2022 тимот на Златибор како шампион во АБА2 не обезбеди пласман во првата АБА лига, бидејќи во елитното друштво веќе имаше пет српски тимови кои опстанаа таа сезона во друштвото, па на нивно место влезе финалистот МЗТ Скопје. За потсетување, во АБА лигата можат да настапуваат најмногу пет екипи од една земја, па поради тоа, бројката веќе беше пополнета, а Златибор не успеа да обезбеди место меѓу најдобрите преку плејофот со најслабиот српски претставник во АБА1, тогаш, во двомечот со Борац.
Во соопштението од директорот на клубот, Кристијан Серман, се наведува дека клубот не сака да биде дел од целокупната организација на АБА поради уништувањето на српската кошарка и младите играчи.
- По многуте дискусии и стручни анализи КК Вршац одлучи следната сезона да не игра во АБА 2 лигата, за што би сакале и официјално да ја информираме спортската јавност. Има многу причини за ваквата одлука, примарната е што сметаме дека регионалната лига во оваа форма не носи ништо добро ниту за српската кошарка ниту за клубовите што се натпреваруваат во неа. Ние сме клуб со долгогодишна традиција и завидна репутација во земјата и регионот. Не сакаме да учествуваме во уништувањето на домашната кошарка и младите играчи, ниту пак сакаме да играме со тимови кои се натпреваруваат во лиги многу послаби од онаа што ја имаме во Србија.
- АБА, за жал, стана сервис за разигрување на неразиграни, лични придобивки и профити на одредени клубови и челници во лигата, без никаква корист за кошарката не само во Србија, туку и во регионот воопшто. Целта за настап во ова натпреварување, особено на неговото второ ниво, најдобро говорат ситуацијата од сезоната 2021/2022 и случајот со Златибор, кој како освојувач немаше никаков бенефит или премин во повисоко ниво, бидејќи и пред почетокот на сезоната беше одлучено кој ќе се приклучи на регионалната елита.
- Не сакајќи да поминеме низ истото или нешто слично и не гледајќи начин да го избегнеме во овие околности, решивме да се фокусираме, но и средствата кои би ги потрошиле за учество во АБА 2 лигата оваа сезона (со 25.000 евра за можни шест натпревари), да се пренасочиме кон учество во нашата домашна лига и да работиме на развојот на младите српски играчи.
- Како победници на АБА лигата во сезоната 2004/2005 и учесници на првиот Ф4 турнир од Втората АБА лига, веќе не гледаме смисла да учествуваме во ова натпреварување. Сите расположливи ресурси ќе ги насочиме кон Кошаркарската лига на Србија и сметаме дека тоа е правилна одлука бидејќи само така можеме да и помогнеме на српската кошарка и да работиме на професионализација на КЛС, се вели меѓу другото во соопштението на клубот.