Пензионерите и здравствените работници добиваат покачување на пензиите и на платите. Првите од денеска ќе може да ја подигнат својата мартовска пензија линеарно зголемена за 2.500 денари, а на докторите, сестрите, болничарите и на другите здравствени работници платата за март ќе им биде покачена за 15 проценти.

Зголемување на платите добиваат и вработените во образованието. Нивните плати ќе бидат повисоки за 7 проценти, но ова се однесува на априлската плата што ќе им биде исплатена во мај. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вели дека покрај за наставниот кадар, зголемувањето на платата ќе важи и за сите вработени во основните и во средните училишта

 

Пензионерите и здравствените работници добиваат покачување на пензиите и на платите. Првите од утре ќе може да ја подигнат својата мартовска пензија линеарно зголемена за 2.500 денари, а на докторите, сестрите, болничарите и на другите здравствени работници платата за март ќе им биде покачена за 15 проценти.

Дека ова не е првоаприлска шега потврди премиерот Христијан Мицкоски, кој во однос на пензиите истакна дека со зголемувањето се реализира уште едно владино ветување.

– Сакам да потврдам дека од 1 април ќе почне и исплатата на линеарно зголемените пензии за нови 2.500 денари, со што, со оние првични зголемувања и ова сега, доаѓаме до оние 5.000 денари линеарно зголемување што го ветивме во првата година. Еве, за помалку од една година, за девет месеци го реализираме. Сето она што го ветивме, го испорачуваме кај граѓаните и продолжуваме да работиме за нивниот интерес – изјави Мицкоски.

Тој рече дека платите на здравствените работници за март ќе бидат поголеми за 15 отсто, а до крајот мандатот ќе бидат покачени за 40 до 50 проценти.

– Буџетот во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е историски највисок – 53 милијарди денари, споредено со оние 35 милијарди што беа во времето на короната, е за 18 милијарди повеќе. Се враќаат долгови што ги генерираше  претходната Влада, така што, генерално, инвестициите во здравството се многу важни за нас – истакна премиерот.

Зголемување на платите добиваат и вработените во образованието. Нивните плати ќе бидат повисоки за 7 проценти, но ова се однесува на априлската плата што ќе им биде исплатена во мај. Според новата спогодба за раст на платите потпишана меѓу Министерството за образование и Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта изнесува 22.745 денари.

Дел од просветните работници се незадоволни и велат на социјалните мрежи дека ова е бруто-износ, кој во нето би изнесувал 15.250 денари.

– Министерството за образование, доколку ги почитува колективниот договор и Законот за минимална плата, и СОНК, доколку ги почитуваше законите и се грижеше за просветните работници, ќе ја утврдеа за основица минималната плата на државно ниво, која е во висина од 33.352 денари во бруто- износ или 22.567 денари во нето-износ. Со непочитување на колективните договори и на Законот за минимална плата, платата на просветните работници е скратена за една третина – пишуваат на социјалните мрежи.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вели дека, покрај за наставниот кадар, зголемувањето на платата ќе важи и за сите вработени во основните и во средните училишта.

– За жал, се појавија бројни шпекулации на социјалните мрежи дека не е нешто во ред со покачувањето на платата. Не е точно тоа, одговорно тврдам дека и оваа година, како и претходните, наставниците ќе си добијат поголема априлска плата за 7 проценти и ќе важи и за сите други вработени во училиштата и во основното и во средното образование – рече министерката Јаневска.

Таа објаснува дека спогодбата за покачување на платата е потпишана уште лани, кога било договорено со СОНК континуирано, во следните четири години, да има зголемување на процентот на платата на сите вработени во училиштата.

– Оваа година, идентичната спогодба ја потпишавме повторно за да може да се исплати мартовската плата во април со покачени 7 проценти. Точно е дека одредена група вработени во училиштата имаат коефициент на минимална плата, ама тие никогаш, ни лани, преклани, не добивале 15 илјади денари плата. И во изминатите години, тие добивале минимална плата и се однесува на општ работник, садомијачка. На најнискиот коефициент на сложеност на работа и оваа година тие ќе си ја добијат гарантираната минимална плата, што значи ќе има разлика од претходната до оваа, ќе си го добијат тоа покачување. Сите други ќе си добијат според коефициент на сложеност на работата, како и секоја година – потенцира Јаневска.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, ги демантира шпекулациите дека се оштетени просветните работници и вели дека со новата спогодба продолжува трендот на раст на платите.

– Се шпекулира дека се оштетени просветните работници, што апсолутно не е точно. Еден наставник, со зголемувањето од 7 проценти, ќе добие некаде околу 2.500 денари на сметка на вработените во јавниот сектор, каде што се оштетени, бидејќи линеарно им се зголемува платата за 1.800 денари. Ова се дефинитивно смислени шпекулации за да се поттикне незадоволство кај членството на СОНК да се испишат и да преминат во друг синдикат – дециден е Неделков.

МОН и СОНК лани договорија постојан раст на платите за наредните четири години, за вкупно 46 проценти. Така, годинава порастот на платите на вработените во образованието ќе биде 7 проценти, во 2026 и во 2027 година треба да биде меѓу 7,5 и 10 проценти, а во 2028 година – од 10 до 12,5 проценти.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ