Од Украина се бара да капитулира – Трамп верува дека Зеленски ќе го предаде Крим на Русија

162
EPA-EFE/MARIA SENOVILLA

Претседателот на САД, Доналд Трамп, верува дека неговиот украински колега, Володимир Зеленски, е подготвен да го предаде Крим на Русија, како дел од мировниот договор, иако Киев постојано ги отфрла таквите предлози.

На прашањето на новинарите дали мисли дека украинскиот претседател е подготвен да се откаже од полуостровот што Русија нелегално го анектираше во 2014 година, Трамп одговори: „Мислам дека да“. Исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „прекине со огнот, да седне и да потпише договор за прекин на борбите, сугерирајќи дека тоа може да се направи во рок од две недели.

Трамп го кажа ова пред новинарите по враќањето од Ватикан, каде што накратко разговараше со Зеленски пред погребот на папата Франциск на приватна средба. Тој истакна дека Зеленски сега му изгледал посмирен. На овие изјави нема одговор ни од Киев ни од Москва, единствено рускиот претседател Владимир Путин, вчера, објави таканаречен хуманитарен прекин на огнот од 8 мај до полноќ, на 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, соопшти Кремљ.

-Во овој период сите воени дејства ќе бидат суспендирани. Русија верува дека украинската страна треба да го следи овој пример, се вели во соопштението на Кремљ.

Откако руските државни медиуми објавија дека Кремљ е подготвен за дијалог со Киев, без однапред утврдени услови, за бразилскиот весник „О Глобо“, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров нагласи дека меѓународното признавање на руската сопственост врз пет украински региони – Крим, Севастопол и окупираните делови од Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои ги изговори со украинските имиња, е „императив“ за преговори за завршување на конфликтот.

-Топката не е во наш двор, рече тој, имплицирајќи дека одговорност на Киев е да направи отстапки за да ги помести преговорите од ќорсокак.

Планот на Трамп за крај на војната предвидува дека Украина треба да се откаже од членството во НАТО, да ги ублажи санкциите против Русија и да прифати дека Крим е под руска контрола. Иако Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим, останува нејасно дали Русија ќе се согласи на тоа.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја предупреди Украина да не прифаќа договор што би вклучувал големи територијални отстапки во замена за прекин на огнот. Тој за германскиот радиодифузер АРД изјави дека Киев „не треба да оди толку далеку колку што сугерира најновиот предлог на американскиот претседател“, нарекувајќи го „капитулација“.

-Украина можеше да добие таков договор пред една година. Тоа е чиста капитулација. Не гледам никаква додадена вредност, рече Писториус.

Де јуре признавањето на руската анексија на Крим од страна на САД би претставувало флагрантно кршење на меѓународното право и на договорите како што е Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, во кој САД ветија дека ќе го заштитат украинскиот суверенитет во замена за откажување од своето нуклеарно оружје. Аналитичарите предупредуваат дека дозволувањето на Путин да го задржи Крим би значело враќање на светот во времето кога правото на посилните ги одредуваше границите, што дополнително би ги дестабилизирало глобалните односи.

 

ИЗДВОЕНИ