Бил трговски патник, сега е бездомник

65

Тој не сакаше да се открие неговиот идентитет, но, сепак, за весникот ВЕЧЕР ја раскажа голготата низ која поминал и се нашол сам на улица во Скопје, како бездомник. – Сè започна во 1991 година. Мојот татко беше офицер во ЈНА и живеевме во Загреб. Кога започна војната во 1991 година, моравме да бегаме од Загреб и да дојдеме во Македонија. Во Загреб имавме стан и викендичка во Самобор. Ни ги зедоа станот и викендичката, војната уништи сè, па заминавме во Скопје. Со години живеевме кај мојата тетка во Капиштец, но кога таа почина, моравме да се вратиме во Белград. Таму ми се разболеа родителите. Во 2007 година почина татко ми, а во 2015 година мајка ми. Останав сам, без никакви приходи, па повторно се вратив во Македонија – раскажува бездомникот

 

Секој може да се најде во ситуација да остане буквално без ништо, сам на улица и тоа без своја вина…Вака својата тажна приказна ја започнува 71-годишниот бездомник кој не сакаше да се открие неговиот идентитет, но, сепак, за весникот ВЕЧЕР ја раскажа голготата низ која поминал и се нашол сам на улица во Скопје, како бездомник.

– Сè започна во 1991 година. Мојот татко беше офицер во ЈНА и живеевме во Загреб. Кога започна војната во 1991 година, моравме да бегаме од Загреб и да дојдеме во Македонија. Во Загреб имавме стан и викендичка во Самобор. Ни ги зедоа станот и викендичката, војната уништи сè, па заминавме во Скопје. Со години живеевме кај мојата тетка во Капиштец. Таа почина, па моравме да се вратиме во Белград. Таму ми се разболеа родителите. Во 2007 година почина татко ми, а во 2015 година мајка ми. Останав сам, без никакви приходи, па повторно се вратив во Македонија – раскажува бездомникот.

Тој бил трговски патник, но останал без работа откако почнала војната. Вели дека од 2015 година се бори да опстане. Сега живее во мала соба, без греење, во Гази Баба. Сместувањето го нашол преку пријател.

Да е уште потрагична неговата животна приказна, тој едвај го преживеал ковидот. Вели дека благодарение на Здружението „Љубезност“ останал жив.

– Од „Љубезност“ ми ги обезбедија потребните лекови и на тој начин ми го спасија животот. Неизмерно сум им благодарен – истакна тој.

Ова Здружение, како што нагласува, му помага и со храна и на тој начин полесно ги преживува деновите. Ги користи и услугите на Црвениот крст на Град Скопје, односно го посетува и пунктот за бездомници во Момин Поток.

Во овие студени денови, прифатилиштето, односно стационарниот дел во овој пункт е отворен 24/7 и бездомниците единствено таму имаат можност да се спасат од температурите под нулата. На располагање се 32 легла, 16 во машкото и 16 во женското одделение. Координаторката на пунктот за бездомници во Момин Поток, Драгана Лазаревска, вели дека во моментот, во стационарот каде што преспиваат, има 16-мина бездомници, од кои повеќето се мажи. Доколку се исполни капацитетот, Црвениот крст на Град Скопје плаќа кирија и ги сместува вишокот бездомници во соби што се издаваат, во најстудените месеци – јануари и февруари.

Оние што преспиваат во прифатилиштето добиваат по три оброци и можност да се искапат, да добијат лекарска помош, лекови, витамини, да се потстрижат.

– Она што е интересно, ним не им е битна храната колку што им се битни топлите постела и кревет. Има жена што речиси не сака да стане од креветот, евентуално оди само да јаде – потенцира Лазаревска.

Оние што се во прифатилиштето прекуден можат да излезат да си завршат некои обврски во центрите за социјални работи, во Заводот за вработување итн. или, пак, да посетат пријател, а навечер повторно се враќаат.

Лазаревска очекува до крајот на овој месец и во февруари да се зголеми бројот на бездомници што преспиваат. Тогаш вообичаено капацитетот на прифатилиштето се исполнува.

– Имаме дежурни екипи во текот на денот и ноќе, но и патролно возило, во случај да имаме повик дека е забележан бездомник некаде. Веднаш излегуваме на терен со возилото во кое има и стручен тим. Во возилото мора да има топла храна и напивки, лекови, витамини, вреќи за спиење, ќебиња и облека во случај бездомникот да не сака да дојде со нас во пунктот. Му се оставаат за да се стопли – објасни Лазаревска.    

Таа ги повика граѓаните веднаш штом ќе забележат бездомник на овие ниски температури, да пријават на телефонските броеви 3139 578 и 071 223 972.

Инаку, пунктот за бездомници во Момин Поток работи секој ден. Во средите го посетуваат 60-мина бездомници, а во петоците 100-мина. Тогаш се капат, земаат чиста облека, се потстрижуваат, добиваат храна, од лекар – медикаменти, но и разговараат со психолог и со социјален работник. Пунктот за бездомници во Момин Поток е отворен на 25 јануари 2008 година, додека стационарниот дел – прифатилиштето е отворено во 2010 година.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ