Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, кој ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за присоединување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија, вчера реагираше на осудата на македонското МНР по неговите контроверзни ставови. Упати и порака кон премиерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „Ристе Мицкиќ“. Бугарски политичари повторно ја заоструваат реториката кон Македонија, обидувајќи се на националистичка карта да добијат што е можно поголема поддршка кај граѓаните, во време кога Софија и по седум последователни предвремени избори, не успева да формира стабилна политичка Влада. Исто колку што загрижува провокативната изјава на Костадинов, загрижува и молкот од официјална Софија и од Брисел за ваквата реторика. Ниту Бугарија, ниту ЕУ, кои се гласни во барањата Македонија да го промени Уставот за да ги внесе Бугарите во Прамбулата, до затворањето на весникот не ги осудија претензиите за присоединување на територии на европска почва.
Бугарски политичари повторно ја заоструваат реториката кон Македонија, обидувајќи се на националистичка карта да добијат што е можно поголема поддршка кај граѓаните, во време кога Софија и по седум последователни предвремени избори, не успева да формира стабилна политичка Влада. Исто колку што загрижува провокативната изјава на лидерот на ултранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, загрижува и молкот од официјална Софија и од Брисел за ваквата реторика. Ниту Бугарија, ниту ЕУ, кои се гласни во барањата Македонија да го промени Уставот за да ги внесе Бугарите во Прамбулата, до затворањето на весникот не ги осудија претензиите за присоединување на територии на европска почва. Но, повикот на Костадинов до владата во Софија официјално да објави претензии за присоединување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија предизвика остри реакции во земјава. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека предлогот на Костадинов е непристоен и значи непочитување и непризнавање.
-Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање. Непристоен предлог е бидејќи во историјата имало моменти кога и такви предлози биле во оптег и се разбира дека тие не биле добредојдени. За да предлагате вие балкански федерации и слични модели треба да негувате и да манифестирате почит кон соседите, елементарна почит. Тоа значи да го признавате другиот, да ја признавате посебноста, да го третирате како рамноправен. Впрочем, тоа е суштината на Договорот за ЕУ, на Лисабонскиот договор, во преамбулите е суштината. Во преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија тоа го пишува дека Бугарија како членка на Европската унија ќе и помага на Македонија на патот кон ЕУ. Значи ова е непристоен предлог, изјави Сиљановска-Давкова во интервју за емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата вели дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.
-Нашите дијалози се пристојни, нашите дијалози се одмерени, нашите дијалози признавам се со резерва ама она што го велите вие јас отворено го препознавам кај бугарскиот народ, кај бугарски интелектуалци и бугарски љубители на музиката и операта, кај уметниците Бугари, Грци… Препознавам апсолутно меѓу нас нема проблеми кога е во прашање ваквата комуникација, ама ние забораваме дека не сме кралеви и кралици и дека не се претставуваме себе или својот род, туку дека ги претставуваме граѓаните и логично е ние да постапуваме во духот на она што го посакуваат македонските граѓани и бугарските граѓани, грчките граѓани итн. Тоа сум го видела, сум видела многу пријатели. Граѓаните може да речат ајде да си најдеме други политичари, други претседатели, ама не можеме ние да речеме најдете си друг народ, рече Сиљановска-Давкова.
И од македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија ја повикаа официјална Софија да ја отфрлат ваквата, како што велат, „недолична и непримерена“, изјава на Костадинов. Македонското МНРиНТ „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук, со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.
-Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи. Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, побара официјална Софија да реагира и јасно и недвосмислено да се огради, а Европската Унија да ја осуди изјавата на Костадинов, кој рече дека е сосема логично Македонија да се присоедини кон Бугарија. Нарекувајќи ја иредентистичка, Филипче во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил ја осудува изјавата на Костадинов и додава дека со неа, лидерот на Преродба го поткопува суверенитетот и достоинството на земјава и го негира посебниот македонски етнички идентитет. Тоа, како што додава, е директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската Унија.
-Повикувам и очекувам официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство. Ја повикувам Европската Унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ, вели Филипче и ја повика Владата итно да соопшти конкретни мерки на ваквите иредентистички изјави и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.
Коалицијата Вреди изрази загриженост и ги осуди изјавите на лидерот на ултрадесничарската партија Преродба, за кој велат дека е „некој маргинален проруски политичар во Бугарија кој тврди дека нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија“. Од Вреди велат дека ваквите провокации „го отежнуваат динамизирањето на патот на Македонија кон Европската Унија (ЕУ)“. Од Вреди велат дека изјавите на Костадинов за присоединување на Македонија кон Бугарија не придонесуваат кон подобрување на односите меѓу двете соседни земји, ниту пак го олеснуваат процесот за интеграција на Македонија во ЕУ.
-Сакаме да потсетиме дека Бугарија, со Договорот за добрососедство, се обврза да биде партнер, промотор и поддржувач на Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија. Коалицијата Вреди во рамки на Владата вложува сериозни напори за отстранување на пречките за исполнување на условите за полноправно членство во ЕУ. Но, ваквите провокации го враќаат процесот назад и прават штета на искрените напори за динамизирање на патот на Северна Македонија кон целосна интеграција во европското семејство. Вреди ќе продолжи да работи на заштита на интересите на граѓаните и на обезбедување сигурен пат кон европските интеграции, стои во реакцијата на Вреди.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за присоединување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија. Во објава на Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот Канал, што покажува од каде доаѓа неговата инспирација и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за присоединување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија. Бугарскиот политичар и вчера реагираше на осудата на македонското МНР по неговите контроверзни ставови. упати и порака кон премиерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „Ристе Мицкиќ“. (В.С.Н.)