На почетокот на летната сезона и летниот ред на летови за 2025 година, ТАВ Македонија има многу новости за патниците. Со летниот ред на летање што стапува во сила на утре, 30 март, а е одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство, на Меѓународниот аеродром во Скопје во летната сезона ќе има 47 дестинации управувани од 16 авиокомпании, без чартер летовите. Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, во текот на летната сезона и летниот ред на летање во 2025 година, ќе има 7 редовни летови со 6 авиокомпании.
Според информациите што весникот ВЕЧЕР ги доби од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија кој годинава прославува 15 години работење во нашата земја, од скопскиот аеродром редовни авиолинии ќе имаме со Атина, а линијата ќе ја опслужува Aegean Airlines, до Белград – Air Serbia, до аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул че лета AJet, до Виена – Austrian Airlines, до Цирих – Chair Airlines, до Загреб и Сплит – Croatia Airlines, до Париз Орли аеродром – easyJet, до Цирих – Edelweiss, до Варшава – LOT Polish Airlines, до Франкфурт – Lufthansa, до Осло – Norwegian Air Shuttle, до Бодрум и аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул, Измир и Анталија ќе лета Pegasus Airlines, до Анталија и Измир – Sun Express, до Амстердам – Transavia Airlines, до Истанбул (iGA Airport) – Turkish Airlines, и Барселона, Базел Милуз, Берлин, Болоња, Братислава, Брисел Шарлероа, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Лион, Малме, Малта, Милан Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Штутгарт, Осло, Париз, Рим (Фјумичино и Чампино), Венеција Тревизо, Карлсруе, Љубљана, Лондон Лутон че ги опслужува нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air.
Дополнително, од Скопје со летниот ред на летање е планирано да се лета до 6 чартер дестинации, па така, до Анталија ќе летаат Pegasus и SunExrpess, и чартер од Freebird Airlines, до Франкфурт (Lufthansa до аеродромот во Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан), до Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и Ajet до аеродромот Сабиха Гокчен), до Измир (Pegasus и SunExpress), до Цирих (Edelweiss и Chair Airlines) и до главниот град на Норвешка Осло (Осло Сандефјорд од Wizz Air и Осло – Norwegian Air Shuttle).
Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, пак, во текот на летната сезона и летниот ред на летање во 2025 година, ќе има 7 редовни летови со 6 авиокомпании, односно ќе има летови до Белград со Air Serbia, Цирих со две авиокомпании – Chair Airlines и Edelweiss и Амстердам со TUI Fly, Истанбул со Turkish Airlines, и Виена, Дортмунд и Меминген со Wizz Air. Дополнително, според последните информации што ги добивме како аеродромски оператор, TUI ќе лета со еден чартер лет од Манчестер.
– На почетокот на летната сезона и летниот ред на летови за 2025 година имаме многу новости за нашите патници. Во четвртокот на охридскиот аеродром го пречекавме првиот лет од Истанбул на Turkish Airlines, што ќе биде од голема придобивка не само за Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, туку и за целиот регионот на Охридското Езеро и за целата македонска економија. Турскиот национален авиопревозник ќе лета од Истанбул до Охрид и назад четири пати неделно, што ќе биде одлична можност за луѓето кои живеат во регионот кои сега можат да патуваат од Охрид директно до Истанбул и пошироко, како и одлична можност за турските граѓани кои ќе можат да откријат нова атрактивна дестинација за одмор – потенцира генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Тој за весникот ВЕЧЕР ги најави идните планови за ширење на мрежата на летови од двата македонски аеродроми.

– Следната недела, на 2 април, ќе го пречекаме првиот лет на easyJet до Меѓународниот Аеродром Скопје од аеродромот Орли во Париз, што е исто така важно поради две работи. Првата е дека аеродромот Орли во Париз е управуван од Групацијата АДП (Groupe ADP), групација во која ТАВ Аеродроми е членка, а втората важна работа е дека од 2 април патниците на скопскиот аеродром ќе имаат бенефит да патуваат до еден од најфреквентните аеродроми во Франција кој нуди бројни домашни и европски летови. Следните нови линии што ќе бидат воведени од Меѓународниот Аеродром Скопје, од 3 мај се Барселона и Лион, двете со Wizz Air. Ова е уште една одлична вест за патниците на скопскиот аеродром, особено во однос на повторното воспоставување на авиолинијата до Барселона, бидејќи е многу барана дестинација за патување – вели Курт.
Тој потсетува дека на 2 март на Меѓународниот Аеродром Скопје беше пречекана новата авиокомпанија – Transavia која започна да лета од/до Амстердам. Transavia, според него, е важна затоа што тие се дел од групата KLM Air France и ќе летаат до аеродромот Шипхол, кој е главниот авијациски центар во Холандија.
– Постојаната силна побарувачка за патување на која сме сведоци, ни дава доверба дека аеродромите во Скопје и Охрид ќе продолжат да се развиваат како клучни регионални портали. За да го поддржиме ова, во годината на нашата 15-годишнина во Македонија, како ТАВ Аеродроми ја подобруваме аеродромската инфраструктура, ги оптимизираме операциите и обезбедуваме непречено патничко искуство. Посветени сме на тесна соработка со авиокомпаниите, воздухопловните власти, властите во областа на туризмот, и владата, за да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром уште поатрактивна дестинација за патници и деловни можности – констатира генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Со зимскиот ред на летање за сезоната 2024/2025 година, кој практично завршува денеска, имаше 14 авиокомпании кои летаа до вкупно 37 различни редовни дестинации и 7 дестинации со чартер летови или вкупно 44 дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје. Од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле за време на зимскиот ред на летање, 3 авиокомпании сообраќаа до 4 дестинации.
(С.Бл.)