Од Скопје до Париз – нова линија со авиокомпанијата „Изиџет“

24

Имаме две добри вести, првата е дека, конечно, ќе се воспостави директна линија од Скопје до Амстердам, што е огромна можност за туризмот, со оглед на тоа што Македонија е популарна дестинација за Холанѓаните. И најновата вест е дека авиокомпанијата „Изиџет“ формално поднесе документи во Министерството, за Скопје – Париз, до аеродромот „Орли”, кој е најблиску до центарот на Париз – најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски

Тој потенцираше дека се очекува во наредниот период да бидат потврдени уште три-четири дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми. Во однос на состојбата во која, како министер, ги затекол аеродромите во државата, тој истакна:

– Во услови кога Приштинскиот аеродром го заминува Скопскиот, а Охридскиот ќе добие сериозна конкуренција во аеродромот во Валона, кој се гради во моментов, како и во помалите грчки аеродроми во северниот дел на Грција, сфатив дека мора да направиме драстична промена. Таа промена ја направивме со политиката на субвенционирање летови, каде што прво субвенциите ќе одат по патник што доаѓа во Македонија, а не по патник што заминува од државата, како што правела претходната власт. Второ, драстично се зголемени субвенциите и за Охридскиот аеродром се повисоки од Скопскиот, со цел привлекување туристи. Тоа ги даде првите резултати и веќе имаме осум нови линии. Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и до Штутгарт, а од Охрид, како дестинации, се потврдени Базел и главниот аеродром во Истанбул – истакна Николоски, додавајќи дека поврзувањето со овој аеродром во Истанбул веќе донело и резервации на карти од Сиднеј, Вашингтон, Торонто и од други светски метрополи до Охрид.

ИЗДВОЕНИ