Од сабота авиокомпанијата „Визер“ овозможува директни летови од Меѓународниот аеродром „Скопје“ до Барселона и до Лион. Редовната линија до каталонскиот град Барселона се враќа по три години, а првпат се воспоставува кон францускиот град Лион.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека враќањето на авиолинијата Скопје-Барселона е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на македонската Влада и на авиокомпанијата „Визер“. Тој верува дека оваа линија повторно ќе биде исклучително популарна, бидејќи, како што рече „Барселона е град на уметност, историја, архитектура и спорт, а Скопје е сè попосакувана точка на мапата за европските патници“.
Летови до Барселона од Меѓународниот аеродром „Скопје“, ќе има двапати неделно, секој вторник и сабота, а до Лион, секој вторник, четврток и сабота.

За поврзувањето на Скопје – Лион, Курт смета дека оваа нова директна авионска линија не е само нова дестинација туку уште една нова врата кон Франција, кон една богата историја, култура, гастрономија и економска соработка. Со Лион, сега сме поблиску од било кога досега.
– Лион е град познат по својата уникатна комбинација од старо и ново – од неговото прекрасно ренесансно старо градско јадро, кое е под заштита на УНЕСКО, па сè до ултра модерниот дел. Тоа е градот каде што е родена кинематографијата, благодарение на браќата Лимиер – па затоа Лион се смета за колевка на филмот – посочи Курт. Летовите Скопје – Лион ќе се реализираат трипати неделно, секој вторник, четврток и сабота.
Раководителот за комуникации на „Визер“, Андраш Радо посочи дека веќе нудат возбудливи дестинации за одмор за ова лето.

– Оваа есен ќе ја обновиме целата наша флота во нашата база во Македонија. Во моментов, нашите авиони се од типот „Ербас“ А320 цео, со 180 седишта, но до крајот на годината, сите ќе бидат надградени со следната генерација А321неос, со 239 седишта, со најдобрата достапна технологија за ефикасна потрошувачка на гориво. Оваа трансформација претставува импресивно зголемување на капацитетот од речиси 30%. Со повеќе достапни седишта, можеме да сместиме уште повеќе патници, правејќи го патувањето не само полесно, туку и попристапно за семејствата, деловните патници и туристите – соопшти Радо.
Од менаџерскиот тим на ТАВ Македонија најавија дека се во постојани преговори со многу авиокомпании и фокусот е во отворање на нови „лежр“, односно туристички дестинации, со цел земјава да се поврзе со што повеќе туристички места и да ја збогатиме понудата на дестинации. Во моментов, таргетирани се дестинациите на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларнака во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид. Анталија, Бодрум, Хургада, Тунис, Рим, Венеција, Сплит, Барселона и Париз остануваат топ-туристички дестинации кои се реализираат во летната сезона.
(С.Бл.)