Од понеделник ќе има времен режим на сообраќај на патот кон битолското село Буково, поради негово проширување. Патот е со ширина од 3,5 метри и локалното население, кое секојдневно го користи, постојано укажува на проблемот со безбедното одвивање на сообраќајот.

Од Општина Битола информираат дека проширувањето ќе биде со по еден метар од двете страни, по што патот во должина од 600 метри ќе биде со широчина од 5,5 метри. За од двете страни на коловозот (до асфалтниот дел) е предвидена изработка на банкини со ширина од по 75 сантиметри од секоја страна.

– Во банкината на пониската страна ќе се вградат префабрикувани бетонски каналети до самиот раб од доградениот асфалт со димензии 40/20/50 сантиметри, додека на другите 35 сантиметри од банкината ќе се изврши стабилизација со бетонирање на армиранобетонска плоча со дебелина од 10 сантиметри. Банкината на повисоката страна ќе се стабилизира само со бетонирање на армиранобетонска плоча со ширина од 75 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри – потенцираа од Општина Битола.

Вака прифатената атмосферска вода, преку каналетите во банкините, предвидено е да се спроведува во префабрикувани бетонски риголи со димензии 50/40 х 50 сантиметри поставени од двете страни на патот.

Работните активности на терен се веќе започнати, а рокот на изведба е 90 дена.

ИЗДВОЕНИ