Извршена е успешна трансплантација на Ахилова тетива од починат дарител, на скопската Клиника за ортопедија, соопшти вчера оваа болничка институција. Органот е обезбеден од банката на ткива од починати донори.
Интервенцијата е извршена кај 47-годишна пациентка, со стара повреда на Ахиловата тетива.
Пациентката е со уреден постоперативен тек, соопштија надлежните.
– Трансплантацијата е извршена под водство на д-р Ерен Сејфула, заедно со д-р Александар Савевски, д-р Бојан Будиќ, анестезиолог д-р Лилјана Ангелевска, во соработка со д-р Милена Богоевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка. Огромна благодарност до сите здравствени работници вклучени во оваа трансплантација, како и до семејствата на донорите – е нагласено во информацијата.
Ова е нов успех на македонските доктори кога се работи за трансплантацијата на органи од починати дарители. Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.
На почетокот од ноември годинава, на хируршките клиники во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ беше извршена трансплантација од починат дарител со која двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрези, со што продолжија да живеат нормален живот, без потреба од дијализа.
Професор доктор Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација и специјалист по анестезиологија со реанимација од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и од Медицинскиот факултет при УКИМ, неодамна изјави дека на сѐ повеќе пациенти им е неопходна трансплантација на органи.
– Но, целиот свет е соочен со недостиг на органи што би можеле да се трансплантираат и затоа е многу важно да се зголеми свеста и да има што повеќе трансплантации од починат донор со мозочна смрт – рече Кузмановска.
Починат дарител на органи може да биде само пациент кај кого е дијагностицирана мозочна смрт. Тоа значи дека нема циркулација на крв во мозокот, мозокот не се исхранува и практично е мртов, а се одржува на интензивна нега благодарение на респиратор и на лекови, односно сѐ уште по вештачки пат се одржуваат срцето, белите дробови и циркулацијата. (Б.Ѓ.)