Со цел запознaвање на учениците со 3Д печатењето како иновативен начин за рециклирање, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани одржа едукативна работилница, на која младите од осмо и деветто одделение имаа можност да се запознаат со целиот процес за подготовка на материјали, како и за функционалноста на 3Д печатачите, со што тие се обучени во иднина истите да ги користат.
На работилницата, учесниците беа запознаени со важноста и придобивките од рециклирањето на отпадните пластични шишиња, како и со начините на подготовка на материјал за 3Д печатење од ПЕТ (пластична амбалажа) шишиња. Учесниците истакнаа дека за нив најголемо задоволство од работилницата било тоа што добиле можност самите да изготват предмет на 3Д печатачот.
Леонора Велкоска, проектниот координатор, посочи дека со работилницата ја истакнуваат важноста за рециклирањето на пластичниот отпад и ги едуцираат младите за користењето на оваа технологија.
– Учениците од осмо и деветто одделение имаа можност да видат како од ПЕТ пластични шишиња може да се произведе материјал за 3Д печатење и да изработат свои производи. Со донацијата на 3Д печатач, компјутер, екструдер и додатна опрема им овозможуваме на учениците во Вевчани да продолжат со оваа практика, која не само што ќе го подигне нивото на свесност за рециклирањето, туку и ќе ги мотивира младите да бидат креативни и иновативни во решавањето на еколошките предизвици – нагласи Велкоска.
Во рамки на проектот, „Еко-свест“ донираше опрема која е составена од екструдер за филамент, 3Д печатач, компјутер и додатни алатки за 3Д печатење, а со неа училиштето е обезбедено со целата потребна технологија и материјали за спроведување на процесот.
Дополнително обучени се и наставниците за работа со опремата, со што учениците од ОУ „Страшо Пинџур“ постојано ќе ја употребуваат, а со тоа ќе се покренува и свеста кај младите за потребата од редуцирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, со што ќе се заштити животната средина.
Од „Еко-свест“ информираа дека и за ОУ „Единство“ во Октиси ќе биде донирана опрема за 3Д печатење и дека ќе биде спроведена едукативна работилница за начинот на функционирање. Во рамки на истиот проект подготвена е и брошурата „Добивање на филамент за печатач од пет шише“, која ги информира граѓаните за правилно користење на 3Д печатачите и подготовка на филамент од пластични ПЕТ-шишиња.