Не престануваат реакциите на граѓаните за високите паушални сметки за струја. И покрај тоа што од Регулаторна комисија за енергетика ветија дека грешките ќе бидат поправени, сепак и овој месец граѓаните добија астрономски сметки. Енергетските експерти велат дека за да се исправи грешката потребно е струјомерите да се отчитуваат месечно, а доколку не се прави тоа граѓаните сами да си ги отчитуваат броилата и состојбата да ја испраќаат во ЕВН.
Енергетскиот експерт и универзитетски професор, Константин Димитров, смета дека со паушално пресметување на потрошувачката на електрична енергија се прават многу грешки, бидејќи некој потрошувач еден месец троши многу, а друг малку струја и тука може да биде проблем.
-Треба редовно да се отчитуваат саатите и на база на мерењето да се наплатува. Читањето на броилата треба да биде обврзувачко и да се врши секој месец. Регулаторна комисија за енергетика треба да наплаќа казни за неотчитување, односно за неотчитување на саатите. Ако се заменат сегашните мерачи со мерачи за далечинско отчитување на потрошувачката на струја во тој случај нема да има потреба од инкасатори на терен, а и помалку ќе се прават грешки. Ако не се отчитаат правилно броилата граѓаните освен што ќе треба да платат повеќе за струја ќе влезат во повисоката тарифа, изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Тој смета дека најдобро е да има далечинско отчитување секој месец, а доколку нема граѓаните сами да ги отчитуваат броилата и состојбата да ја праќаат во ЕВН Хоум. Во тој случај нема да се прават грешки, бидејќи на граѓаните ќе им се наплати толку колку што потрошиле.
-Не знам која е постапката и како ги пресметуваат паушалните износи и дали при пресметката ја земаат само последната сметка. Во секој случај некој ќе плати повеќе, но ќе има и такви кои ќе платат помалку. Поради тоа најдобро е да ја прочитате и испратите состојбата во ЕВН и во тој случај не може да ви наплатат повеќе, објаснува Димитров.
Граѓаните велат дека и овој месец добиле високи сметки за струја и покрај тоа што било топло и не трошеле многу струја за греење. Некои од граѓаните се пожалија дека сметките им биле неколку илјади повисоки отколку што обично плаќале.
-И покрај тоа што ќе се исправи грешката со пребивање наредниот месец никој не ме прашува дали овој месец јас ги имам тие пари за да ја платам високата сметка за струја, вели една потрошувачка.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека граѓаните имаат право да поднесат жалба. Доколку има повисока сметка истата ќе се коригира со наредните сметки. Оттаму појаснуваат дека ако се прави предвидување на потрошувачката се прават грешки и додаваат дека проблемите со отчитување ќе бидат решени.
Во јануари годинава, до ЕВН Хоум пристигнале 1.385 барања за корекција на фактурите. Оние што не успеале да добијат исправка, се обратиле и до РКЕ, бидејќи согласно правилата, потрошувачите најпрво треба да поднесат приговор до ЕВН Хоум, а доколку не добијат задоволителен одговор, можат да се обратат до Регулаторна. За да се разгледа нивниот случај, потребно е да достават копија од приговорот до ЕВН, одговорот што го добиле и спорната сметка. Доколку и решението на РКЕ не е прифатливо, незадоволните граѓани можат да покренат управен спор.
(А.С.)