Јавното претпријатие за државни патишта 2024 година ја заокружи со остварен приход од над 66,5 милиони евра по основ на наплата на патарини. Споредено со 2023 година, собрани се повеќе од 270 милиони денари или над 4,32 милиони евра или преклани биле собрани 62,18 милиони евра.

Јавното претпријатие за државни патишта во 2022 година наплатило рекордни 32 милиони и 212 илјади евра, во 2021 биле собрани 26 милиони и 335 илјади евра, а во 2020 година ќарот изнесуваше 18 милиони и 584 илјади евра. Или за 5 години од наплата на патарина биле собрани 205.811.000 евра.

Во однос на вкупната фреквенција на возила за 2024 година низ патарините поминале 62.662.988  возила и наплатени се патни давачки од 99,2 %.

– За намалување на бројот на таканаречените неплаќачи, ЈПДП во периодот од август до декември 2024 година организираше 23 акциски контроли заедно со Државниот инспекторат за транспорт и со асистенција од МВР, со што може да се констатира дека имавме повеќе од успешна година – велат од ЈПДП.

ЈП за државни патишта е златната кокошка меѓу државните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост. Според податоците на Министерството за финансии, Државните патишта во 2023 година инкасираа над 200 милиони евра, расходите се 100 милиони евра и добивка од 100 милиони евра. Голем процент од приходите се остварени од наплата на патарина.

– Јавното претпријатие за државни патишта е претпријатие кое остварува приходи по повеќе основи и со тоа учествува во вкупниот остварен приход на капитални инвестиции во државата. Па така, минатата година од сопствените извори на приходи како што се акциза, патна такса што се плаќа при регистрација на возилата, патарините и други приходи беа реализирани околу 176 милиони евра. И за годинава очекуваме да оствариме приближно 200 милиони евра. Тоа се средства кои потоа се инвестираат во поправка, рехабилитација и изградба на патишта и затоа секоја година се подготвува Годишна програма на ЈПДП во која точно се наведуваат сите планови и проекти за тековната година. Исто така, се врши и отплата на камати и рати од земените кредити, па така за оваа намена догодина ќе се издвојат околу 120 милиони евра, се планира за ЈП за заштита и одржување на магистралните и регионалните патишта (Македонијапат) да се издвојат околу 30 милиони евра, за експропријација околу 20 милиони евра итн., што говори дека многу малку од вкупната сума всушност останува за изградба на патишта – вели директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ