Челниците на НБА-лигата сериозно „загризаа“ за создавање ново натпреварување на европска територија и засега одлично им оди во намерата.

Сè повеќе се зборува за потенцијалните клубови што би можеле да играат во оваа лига, како и за намерите на новото натпреварување, поради што заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум, го кажа своето мислење.

  • Можно е да го стимулираме растот на кошарката во Европа и да го намалиме јазот меѓу афинитетот кон играта и комерцијалната исплатливост на тој пазар – започна заменикот на Адам Силвер во интервју за „Ројтерс“.

Сепак, она од што стравуваат сите е дека НБА-лигата сака да ја замени елитната Евролига, но Тејтум ги негираше таквите гласови.

  • Нашата цел не е да ја замениме Евролигата. Нашата цел е да создадеме комерцијално остварлива лига што нуди голем квалитет на теренот и ја почитува богатата традиција на европската кошарка. Планот е таа да понуди подобар производ за навивачите, но и за играчите на континентот. Со години се обидуваме да ги споиме сите страни што се важни и заинтересирани. И понатаму сме отворени за тоа – порача Тејтум.

Од друга страна, тој се обиде да објасни зошто сака да се прошири НБА на европските пазари, сè со цел, како што вели, да им обезбеди кошарка на навивачите што ја немаат.

  • Во Европа недостигаат играчи од светска класа, и тоа е евидентно. Сето тоа е директно поврзано со потенцијалот за кошарката таму. Има големи пазари во Европа каде што не се претставени и каде што има милиони навивачи – заклучи Тејтум.

 

ИЗДВОЕНИ