– Во Полошкиот Регион, само 7 % од занаетчиите и малите бизниси се пријавуваат на јавните повици за државна поддршка, и тоа е разочарувачки факт – рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, од Гостивар. Тој имаше средба таму со занаетчиите и со сопствениците на мали бизниси од Гостиварско, како дел од иницијативата и на акцискиот план на ресорното Министерство и е трета средба по оние во Чаир и во Прилеп.

На овие средби, Дурмиши ги објаснува условите во објавените јавни повици за поддршка на малите и на средните претпријатија и занаетчии, но напомена дека одѕивот е слаб, особено во Тетовско-гостиварскиот Регион.

– Факт што е разочарувачки е дека кај нас, само 7 % од Полошкиот Регион аплицираат на овие јавни повици. Така што, ние ќе му дадеме повеќе внимание за да се биде исто како и другите региони. Ќе ги информираме за начинот за аплицирање, ќе зборуваме со нив за нивните предизвици и да им излеземе во пресрет – рече Дурмиши, кој не ги знае причините за ваквиот одѕив и напомена дека ќе се добијат повеќе одговори на овие средби, со што, како што рече, ќе се сопре трендот на намалување на бројот на занаетчии.

Првиот човек на националната Комора на занаетчии, Агрон Фазлија, посочи дека меѓу причините за слабиот одѕив на јавните повици е и неинформираноста, но и незаинтересираноста на сметководителите, кои, како што рече, треба да ги упатат занаетчиите за можноста да добиваат финансиска и друга поддршка.

– Повиците се на веб-страницата на Министерството за економија. Сметководителите треба да ги информираат своите клиенти бидејќи тие плаќаат за тоа. Нема секој занаетчија можност да го најде повикот и да знае кои документи му се потребни. Затоа, националната Комора го лоцира ова како конкретната причина за малиот број пријави – рече Фазлија.