Службата за општи и заеднички работи при Владата го објави јавниот повик за избор на концесионер за комплексот. Оттаму велат дека целта е комплексот повторно да почне да работи и да се врати на туристичката и културната мапа на Македонија. Почетната цена за закупнина на целиот комплекс изнесува 240.000 денари, а почетната цена на концесијата на поединечните делови е 44.529 денари, 49.868 денари, 54.839 денари и 91.575 денари. Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски информираше дека огласот ќе трае седум дена и оти уште седум дена ќе трае евалуацијата на понудите.
– Не очекувам целата постапка да трае повеќе од 15 до 20 дена. Секако, тоа ќе зависи и од бројот на пријавени – истакна Томовски
Комплексот „Македонско село“ од јуни повторно ќе заживее. Скопјани, но и посетители од другите градови на државата и странските туристи, ќе може да уживаат под падините на Водно, близу Нерези и да испијат кафе во еден од рестораните. Воедно, ќе се запознаат со старата архитектура, односно со автентичниот изглед на куќите од различни делови на државата, но и со македонските занаети.
Службата за општи и заеднички работи веќе го објави јавниот повик за избор на концесионер за комплексот, со услов идниот концесионер да го оспособи комплексот и тој да почне да работи од први јуни.
– Целта е комплексот повторно да почне да работи и да се врати на туристичката и културната мапа на Македонија – информира Службата за општи и заеднички работи при Владата.
Оттаму прецизираат дека е поделен огласот на четири дела, односно постои можност различни концесионери да се пријават за закуп на поединечни сегменти на комплексот или за комплексот во целина. Почетната цена за закупнина на целиот комплекс изнесува 240.000 денари, а почетната цена на концесијата на поединечните делови е 44.529 денари, 49.868 денари, 54.839 денари и 91.575 денари. Комплексот ќе им биде издаден на идните закупци на 15 години, а јавното наддавање ќе се одржи на 14 февруари.
– На законски и на транспарентен начин ќе биде одлучено кој ќе стопанисува со „Македонско село“ во иднина. Изборот ќе се изврши преку електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии – Управата за имотноправни работи. Закупецот/закупците ќе имаат обврска да ги преземат сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1.6.2025 година. Веруваме дека со избор на новиот концесионер ќе придонесеме за развој на туризмот, ќе ја стимулираме локалната економија и ќе создадеме нови можности за вработување – велат од СОЗР.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, информираше дека огласот ќе трае седум дена и оти уште седум дена ќе трае евалуацијата на понудите.
– Не очекувам целата постапка да трае повеќе од 15 до 20 дена. Секако, тоа ќе зависи и од бројот на пријавени – истакна Томовски.
Според Службата за општи и заеднички работи, со обновата на комплексот ќе се создадат и услови за посети на туристи и на домашни гости, со што ќе се зајакнат туристичките инфраструктура и понуда во регионот, а истовремено ќе се придонесе и за презентирање на традиционалните македонски занаети, културното наследство и на автентичната архитектура.
Комплексот се состои од 12 автентични куќи, со простории каде што се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел. Не функционира веќе шест години откако претходните концесионери, „Тинекс“ и хотелот „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, се откажаа оти не им било исплатливо. Во меѓувреме, СОЗР редовно ги намируваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично, како што посочуваат оттаму, досегашните финансиски загуби достигнале околу 350.000 евра.
(А.П.)