Од Гази Баба возвраќаат: Локацијата е во надлежност на Шумарскиот факултет

106

Партијата Левица реагира на тоа што, како што велат, јавното претпријатие „Гази Баба“ на истоимената општина срамно ја игнорира својата законска обврска за одржување и заштита на локалитетот Острово. Тие додаваат дека градоначалникот Бобан Стефковски и неговите инспектори не ја исполнуваат својата законска обврска да го заштитат локалитетот, кој воедно е и споменик на природата.

– Секојдневно сме сведоци на нова, недозволена сеча на заштитената биомаса и има сè поголем број диви депонии на тој простор – потенцираат од Левица и најостро ги осудуваат, како што наведуваат, ваквите неодговорност и незаинтересираност.

Воедно, ги повикуваат градоначалникот Стефковски и неговите инспектори веднаш да ги исполнат законските обврски, да го исчистат Острово и да преземат конкретни чекори за обновување и за заштита на ова витално природно богатство.

– Жителите на Гази Баба заслужуваат градоначалник кому приоритет му е зачувувањето на нашата животна средина, пред негрижата и рамнодушноста – децидни се од Левица.

Оттаму додаваат дека локалитетот Острово, некогаш живо засолниште за ретки видови птици и богат екосистем со над 600 вида дрвја, сега е во урнатини, жртва на запоставување и на рамнодушност.

Од Општина Гази Баба велат дека реакцијата на политичката партија Левица е уште една во низата небулозни реакции базирани на основно непознавање на законската регулатива.

– Локацијата, предмет на реакцијата на фејсбук- партијата Левица, не е во надлежност на локалната самоуправа, туку на Шумарскиот факултет и со закон, таа е под заштита. Но, и покрај ова, изминативе две години, во неколку наврати, Општината, заедно со ЈКП „Гази Баба“, изврши чистење на просторот – одговорија од Општина Гази Баба.

Оттаму апелираат политичката партија Левица, пред да шири лаги и манипулации во јавноста, да се информира за законската регулатива.

(А.П.)