Велика Британија од утре има ново правило за влез на европските државјани. Воведена е дигитална пропусница, со која според британската влада ќе се зајакне граничната безбедност.
Таа дозвола се купува на интернет за 10 фунти, односно 12 евра, но од 9 мај цената ќе и порасне на 16 фунти, односно 19 евра. Дозволата е задолжителна за сите Европејци кои од денеска ќе сакаат да ја посетат Велика Британија, откако во февруари истата пропусница беше воведена за државјаните на САД, Канада и останатите земји на кои не им е потребна виза.
Документот дозволува посети до шест месеци и важи две години. Потребен е за сите патници, вклучувајќи малолетници и новороденчиња. Не мора да го вадат само луѓето кои имаат дозвола за престој во Обединетото Кралство или оние кои веќе имаат имиграциски статус во таа држава.
Пропусницата може да се набави во апликација за паметни телефони или на владината веб-страница, а на Европејците им е достапна уште од почетокот на март. Задолжителна е за државјаните на триесетина европски земји, вклучувајќи ја цела ЕУ без Ирска. За да се добие мора да се приложи фотографија од пасошот и од лицето. Според британското Министерство за внатрешни работи, процесот трае десетина минути. Во повеќето случаи, одлуката за пријавата се донесува во рок од неколку минути, но може да се чека и до три работни дена. Ако барањето е решено успешно, ЕТА дигитално се поврзува со пасошот на подносителот.
Патниците кои преседнуваат на аеродромите без да ја минат границата на Обединетото Кралство се исклучени од таа програма. Тоа е направено по притисокот од најпрометниот европски аеродром, лондонски „Хитроу“, кој се плашеше дека ќе изгуби патници. Инаку, во Велика Британија има само уште еден аеродром со можност за преседнување без преминување на границата, а тоа е Манчестер.
-Со дигитализација на имиграцискиот систем го трасираме патот кон бесконтактно преминување на границата на Обединетото Кралство, рече министерката за миграција Сема Малхотра, кога беше отворена страницата за првите пријави.
Додаде дека ширењето на ЕТА на држави низ светот ја зацврстува посветеноста за подобрување на безбедноста со технологија и иновации.
Оваа програма датира од 2023 година, кога е воведена за Катар, а потоа е проширена на пет соседни земји од Персискиот Залив. Во јануари дополнително е проширена на државјаните на уште педесетина земји, вклучувајќи ги Аргентина, Јужна Кореја и Нов Зеланд.