Од денеска официјално започна тргувањето во евра на Македонската берза на електрична енергија. Досега тргувањето на домашната берза на електрична енергија се реализираше во денари. Зоран Ѓорѓиевски, управителот на МЕМО, Националниот оператор на пазар на електрична енергија, истакна дека 37 компании започнаа да тргуваат во евра.

– За сите 37 компании кои тргуваат на пазарот ден однапред се воведува еврото како валута. На тој начин се отвора патот за пазарно спојување познато како маркет каплинг со берзите на соседните земји и членки на Европската Унија, што е исто така приоритет на кој посветено се работи за следните две години, заедно со можноста за воведување на интрадневен пазар на електрична енергија – истакна Ѓорѓиевски.

Домашната берза на електрична енергија, речиси две години обезбедува сигурност и релевантни цени за секој час од денот. Ценовниот сигнал од пазарот „ден однапред“, кој го управува МЕМО, е клучен индикатор за ефикасно функционирање на електроенергетскиот сектор во нашата земја.

Првата аукција за тргување со електрична енергија на пазарот ден однапред се одржа на 10 мај 2023 година. Аукциите на пазарот ден однапред се одвиваат на дневна основа. Резултатите од аукцијата се достапни на самата платформа во 10:45 и секојдневно се објавуваат на веб-страницата на МЕМО.

Во досегашното работење веќе 37 учесници секојдневно тргуваат на домашната берза на електрична енергија и до сега се истргувани речиси 1,5 ТW/h електрична енергија.

ИЗДВОЕНИ