По редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство д-р Арбен Таравари во изјава за медиумите информираше дека денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување девет пациенти од установите во Скопје, а од странство се враќаат осум пациенти.
-Во моментот вкупно 24 пациенти се лекуваат во установите во Скопје, од кои 7 во клинички центар, 6 во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ – 8, во ГОБ „8 Септември“ и во приватните болници се тројца пациенти. Од нив, денес 9 пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување. Исто така, од странство денеска се враќаат 8 пациенти, по двајца од Австрија, Белгија, Турција и Хрватска. Имаме најави и за враќање на други пациенти, важно е дека сите се во стабилна и добра состојба, освен четворица, кои се критични, но се подобри во однос на вчерашниот ден, информираше министерот Таравари.
Во моментот, во странски медицински центри се лекуваат 108 пациенти, а во текот на вчерашниот ден се вратија пет пациенти.
-Се повеќе добиваме податоци за пациенти, кои се екстубирани, кои се префрлени на одделение или за кои се планираат операции од пластични хирурзи и се надеваме дека во наредните денови се повеќе пациенти ќе се враќаат во земјава, посочи Таравари.